Bakir Tiro
01 Март 2016•Ажурирај: 02 Март 2016
ПАРИЗ (AA) – Сто дена пред почетокот на Европското првенство главна грижа во Франција е „големата можност од терористички напади”, истакнуваат водечките политичари од оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Од државниот врв на Франција наведуваат дека вонредната состојба, воведена поради терористичките напади во Париз на 13-ти ноември минатата година, на сила ќе биде до мај, односно непосредно пред почетокот на ЕВРО 2016.
Министерот за внатрешни работи, Бернард Казнев, рече дека ќе бидат преземени големи безбедносни мерки пред и за време на ЕП, вклучувајќи видео-надзор, приватни агени и.т.н.
Во обезбедувањето на ЕВРО 2016 ќе бидат вклучени 120.000 полицајци и војници.
Организаторите нагласуваат дека подготовките за одржување на ЕП одат многу добро и дека сè ќе биде подготвено до шампионатот кој започнува на 10-ти јуни. Предвидуваат дека Европското фудбалско првенство ќе привлече 2,5 милиони гледачи на стадионите, од кои милион би требало да бидат навивачи од странство.
Се надеваат дека на тој начин ќе го срушат рекордот на посетеност на натпреварите на завршниот турнир на Стариот континент поставен во 2012 година, кога првенството се играше во Полска и Украина а го следеа 1,4 милиони гледачи.
Според студијата на Министерството за спорт на Франција се верува дека ЕП на земјата ќе ѝ донесе 1,2 милијарди евра, вклучувајќи и 800 милиони евра кои планираат да ги заработат на стадионите и фан зоните. Реконструкцијата на стадионите досега веќе донесе 20.000 работни места.
Се очекува дека вкупно 94.000 лица ќе учествуваат во работата на организирањето на еден од најважните спортски случувања оваа година, наведува Anadolu Agency.
ЕВРО 2016 ќе се игра од 10-ти јуни до 10-ти јули во 10 француски градови.
Франција по трет пат е организатор на фудбалското ЕП, по 1960 и 1984 година.