Mutlu Demirtaştan
12 Март 2022•Ажурирај: 15 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Менаџментот на англиската Премиер лига му ги одзеде овластувањата на рускиот бизнисмен Роман Абрамович во фудбалскиот клуб Челси, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението објавено на официјалната страница на Премиер лигата се наведува дека по санкциите на британската Влада, на Абрамович му се одземени овластувањата во управувањето со Челси.
Се додава дека договорот за лиценцата меѓу клубот и Владата е важечки и дека екипата ќе продолжи да тренира и да се натпреварува.
Британската Влада во четвртокот објави дека во потполност им го замрзнува имотот и им забранува патувања на 7 руски олигарси, вклучувајќи го меѓу нив и сопственикот на фудбалскиот клуб Челси, Роман Абрамович, во моменти додека војната меѓу Русија и Украина продолжува.
„Министерката за надворешни работи Лиз Трас објави потполно замрзнување на имотите и забрана за патување за 7 најбогати и највлијателни руски олигарси, чии деловни империи, богатство и врски, се блиску поврзани со Кремљ“, се вели во соопштението.
Се наведува дека олигарсите, чиј имот вреди околу 15 милијарди фунти (19,7 милијарди долари), се санкционирани во согласност со напорите на Велика Британија да го изолира рускиот претседател Владимир Путин.
„Забрането им е да патуваат во оваа земја и ниту еден државјанин или компанија на Велика Британија не смее да работи со нив“, се додава во соопштението.
„Меѓу оние што Велика Британија ги санкционираше, овој пат се вклучени и Роман Абрамович, сопственикот на фудбалскиот клуб Челси, чиј имот е вреден над 9 милијарди фунти, водечкиот индустријалец Олег Дерипаска, чиј имот се проценува на 2 милијарди фунти, и Игор Сечин, извршниот директор на Роснефт“, се наведува во соопштението.
„Не може да има безбедни засолништа за оние кои го поддржаа жестокиот напад на Путин врз Украина“, рече премиерот Борис Џонсон.
Велика Британија досега санкционираше над 200 најзначајни и најбогати руски поединци, субјекти и подружници по руската инвазија, и во моментов над 500 се опфатени со британската листа на санкции.