Emre Aşıkçı
16 Март 2022•Ажурирај: 18 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Реал Мадрид ќе донира 1 милион евра за да помогне во олеснувањето на потребите на раселеното население во Украина во услови на тековната војна со Русија, објави шпанскиот клуб, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението клубот вели дека донацијата е наменета за кампањата „Сите со Украина“, која беше започната од Фондацијата „Реал Мадрид“ на 5 март.
„Средствата ќе бидат донирани на Црвениот крст и УНХЦР, како и на други партнери на Фондацијата, за областите погодени од конфликтот“, се вели во соопштението.
„Црвениот крст и УНХЦР (меѓу другите, како и мисиите „Цезал“ и „Салезијан“) се организации со итни проекти на терен, заедно со партнерското училиште на Фондацијата во Украина, Епицентарот за деца, кој го приспособи своето работење за да ги задоволи основните потреби на локалното население“, се додава во соопштението.
Војната на Русија против Украина која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на глобални фирми од Русија.
Најмалку 691 цивил загинаа и 1.143 се повредени во Украина од почетокот на војната.
Повеќе од 3 милиони бегалци заминаа во соседните земји, според Агенцијата за бегалци на ОН.