Ekip
06 Јули 2018•Ажурирај: 08 Јули 2018
МОСКВА (AA) – Светската фудбалска федерација (ФИФА) испрати писмо до Фудбалскиот сојуз на Тајланд во кое изразува најдлабоко сочувство и поддршка на семејствата на младите фудбалери и нивниот тренер кои се заглавени во пештера на северот на земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писмото што го потпиша претседателот Џани Инфантино се вели дека ФИФА сака да ги повика момчињата и нивниот тренер на финалето на СП во Русија, доколку до тогаш бидат спасени и ако бидат во добра здравствена состојба за да можат да патуваат.
Се додава дека доаѓањето на момчињата и тренерот на финалето би бил, без сомнеж, прекрасен момент на заедништво и среќа. Финалето на Мундијалот ќе се игра на 15 јули на московскиот стадион „Лужники“.
Децата кои се заглавени во поплавената пештера од 23 јуни ги замолија припадниците на спасувачките служби кои се грижат за нив да ги известуваат за случувањата на Светското првенство.
Потсетуваме, во понеделникот беа пронајдени 12-те момчиња на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер, девет дена откако останале заглавени во пештерскиот комплекс во северниот дел на Тајланд поради поплавите кои го блокираа влезот на пештерата.