Fatih Erel
21 Октомври 2021•Ажурирај: 22 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Некои национални фудбалски федерации во Европа размислуваат за напуштање на ФИФА, противејќи се на планот Светското првенство во фудбал да се одржува на секои две години, наместо на четири години како досега, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави „Асошиејтед прес“ (Associated Press), фудбалските федерации на некои земји во Европа ќе го искористат адутот за напуштање на ФИФА доколку Светското првенство наместо на четири години, се одржува на секои две години.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, продолжува да го држи во својата агенда прашањето за одржување на Светското првенство во фудбал на секои две години, наместо на четири, како што е тоа случај досега.
Од друга страна, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, не гледа со одобрување на напорите Светското првенство на ФИФА да се одржува на секои две, наместо на секои четири години.
УЕФА, која се противи на планот за организирање на Светското фудбалско првенство на секои две години, го започна процесот за избор на домаќин на Европското фудбалско првенство 2028. Доколку Светското првенство во фудбал се одржува на секои две години, постои ризик двата турнири да се одржуваат во иста година.
Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), исто така, соопшти дека е загрижен во врска со планот Светското фудбалско првенство на ФИФА да се организира на секои две, наместо на четири, истакнувајќи дека тоа би го поткопало развојот на други спортски гранки надвор од фудбалот.
Предлогот на ФИФА, кој предвидува одигрување на глобален или континентален фудбалски турнир секое лето, се очекува да биде изгласан од федерациите членки во декември.