Can Erözden
22 Декември 2022•Ажурирај: 23 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Бразил го задржа првото место на ранг-листата на ФИФА, додека светскиот шампион за 2022 година, Аргентина, се искачи на второто место, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По Светското првенство 2022 во Катар, ФИФА денеска ја ажурира ранг-листата.
Рекордерот на светските првенства, Бразил, и понатаму води на ранг-листата со 1.840,77 бода. Бразил на Првенството „Катар 2022“ беше елиминиран од Хрватска во четвртфиналето.
Светскиот шампион Аргентина сега има 1.838,38 бода и се искачи на второто место. Аргентина, предводена од Лионел Меси, го освои Светското првенство 2022, победувајќи го поранешниот светски шампион Франција со резултат 4:2 во пенали.
Ова беше прв успех на Аргентина на светските првенства од 1986 година.
На ранг-листата, Франција, која беше светски шампион во 1998 и 2018 година, е на третото место со 1.823,39 бода.
Мароко, кое имаше инспиративен настап на „Катар 2022“, сега е 11. со 1.672,35 бода. Африканскиот тим претходно во октомври беше на 22. место.
Мароко, Светското првенство го заврши на четвртото место, откако „лавовите од Атласот“ беа поразени од Хрватска со 2:1 во мечот за бронзен медал.
Хрватска е на седмото место со 1.727,62 бода. На ранг-листата во октомври Хрватска беше 12-та.