İlyas Gün
09 Август 2019•Ажурирај: 11 Август 2019
САМСУН
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна: „Почнувајќи од 1 септември и братската земја Азербејџан ќе ги укине визите за граѓаните на Република Турција. Ние ги укинавме визите со нашите браќа пред неколку години. Во ист ден стигнаа добри вести од Русија и Азербејџан, ќе продолжиме со овие добри вести“, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод 100-годишнината од Националната борба, министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, на последниот ден од 11. Конференција со амбасадорите, заедно со амбасадорите пристигна во Самсун. Тој, во еден хотел во Самсун, се состана со претставниците од светот на бизнисот, невладините организации и студентите.
Министерот Чавушоглу во своето обраќање истакна дека Конференцијата секоја година ја одржуваат во Анкара, но оваа година последниот ден од Конференцијата го одржуваат во Самсун, каде што пред 100 години Мустафа Ќемал Ататурк ја започнал националната борба.
Тој, истакнувајќи дека за време на обидот за пуч на 15 јули 2016 година, исто така, се наоѓал во Самсун, нагласи: „Во ноќта на предавничкиот пуч, видовме како луѓето од Самсун се грижеа за државата, нацијата, за знамето и за демократијата, исто како што направи Ататурк кога стапна во Самсун во 1919 година. Таа вечер заедно со нашиот народ бевме на плоштадот во Самсун. Таа вечер секако дека нема да ја заборавиме и нема да дозволиме да се заборави. Исто така нема да ги заборавиме и 251 лице што го загубија животот таа вечер и епот што го напиша нашиот народ“.
Министерот Чавушоглу во својот говор, исто така, се осврна и на последните случувања во Сирија.
„Во Сирија од една страна се бориме со тероризмот, од друга страна, како што кажавме во разговорите со САД, сакаме да го елиминираме терористичкиот коридор и наместо него да создадеме мировен коридор или безбедна зона. Во никој случај нема да дозволиме уште еден процес на одвлекување затоа што тоа е безбедносно прашање кое е од витално значење за нас“, нагласи министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.