Kemal Zorlak
18 Февруари 2021•Ажурирај: 20 Февруари 2021
САРАЕВО
Регионалната боксерска лига ќе се формира до крајот на април оваа година, а ќе ги собере боксерските клубови од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателите на боксерските сојузи на шест земји ќе се состанат утре во Белград, каде што официјално ќе ја потпишат Декларацијата за формирање Регионална лига во бокс, во присуство на Умар Кремлев, претседателот на Светската боксерска федерација (АИБА), дознава АА.
Во документот кој ќе биде потпишан утре се истакнува дека целта е да се унапреди регионалната и меѓународната соработка преку спортот, кој има значајна улога во промоција на културата на дијалогот, толеранцијата и меѓусебното разбирање.
Во Будва вчера е одржан состанок на челните луѓе од боксерските сојузи од регионот со претседателот на АИБА, Кремлев, кој исто така даде полна поддршка на овој проект.
- Поддршка на Светската боксерска федерација -
Претседателот на Боксерскиот сојуз на Босна и Херцеговина, Енес Пештек, во разговор за АА изрази задоволство поради реализацијата на овој проект, кој, според неговите зборови, е показател и на добрата соработка помеѓу сојузите во регионот.
Пештек истакна дека за 30 години дејствување во овој спорт не запомнил дека првиот човек на европската или светската боксерска федерација организирал еден ваков состанок со претставниците на земјите од регионот.
„Кремлев даде полна поддршка на реализација на овој проект. Тој утре ќе присуствува и на потпишувњето на Декларацијата“, истакна Пештек.
- Враќање на клубовите со долга традиција -
Појасни дека Лигата има за цел враќање на регионалните клубови кои имаат долга традиција, а кои изнедрија европски, светски и олимписки прваци, како што се Железничар, Сараево, Работнички, Партизан, Црвена ѕвезда, Пула, Динамо од Загреб.
„Лигата сигурно ќе биде надеж за боксерите од БиХ, но и од целиот регион. Таа ќе ги собере најквалитетните боксери, ќе им даде можност да се докажат. Истовремено тоа ќе биде и еден вид пробна станица за боксерите на нивниот пат кон Европа и светот", нагласи Пештек.
Иако сѐ уште не е потврден точниот датум, Пештек рече дека одлучиле сето тоа да го забрзаат, и додаде:
„Регионалната лига би требало да почне до крајот на април.“
АИБА донира и многу значајно количество на боксерска опрема на сите сојузи, а која поради условите на пандемијата ќе биде дополнително испорачана.
Низ формирањето на Регионална боксерска лига целта е да се придонесе на квалитетот на клупскиот бокс и промоција на боксот на регионално ниво, пред сѐ низ лансирање на турнирот „Гранд при“, чија цел ќе биде интегрирање на постоечките турнири во рамките на единствен, заеднички бренд. Она што исто така е значајно е дека се обезбедени и телевизиски преноси на ова натпреварување.
„Низ воспоставување на Регионалната лига и турнирот „Гранд при“, како нејзини завршни годишни компоненти, целта е да се придонесе кон јакнење на поединечни, но и заеднички позиции во рамките на Меѓународната боксерска асоцијација“, се истакнува, меѓу другото, во Декларацијата.
Пештек на крајот додаде дека на состанокот во Будва ѝ е ветена поддршка на БиХ во врска со апликацијата за организација на Европското боксерско првенство за пионери, кое би требало да биде одржано во август оваа година.
„Ние ќе се бориме да добиеме организација на ова првенство. Ветена ни е поддршка од регионалните боксерски сојузи, посебно поради фактот што претставници на Хрватска и Србија се во Управниот одбор на Европската боксерска федерација. Тие ни ветија поддршка, исто така и Црна Гора“, заклучи Пештек.