Burcu Çalık Göçümlü
25 Јуни 2021•Ажурирај: 27 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Најефективното оружје против новиот сој на коронавирусот, Делта, се примени две дози вакцина и индивидуалната заштита, изјави турски специјалист за заразни болести и клиничка микробиологија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во разговор со АА, проф. д-р Кемалетин Ајдин порача: „Една доза на вакцината што ја администриравме, обезбеди 80 до 86 отсто заштита. Но, кога станува збор за сојот Делта, заштитата со примена на само една доза на вакцина паѓа на 30 отсто.
„Ќе бидеме заштитени од сојот Делта за 95 отсто кога ќе ја примиме првата доза, а по четири недели и втората доза од вакцината“, додаде тој.
„Примањето на двете дози од вакцината и почитувањето на мерките помеѓу примањето на првата и втората доза се клучни во борбата против сојот Делта“, рече Ајдин.
„Треба да вакцинираме 70 отсто од населението за стекнување колективен имунитет. Ако вакцинацијата помине вака и луѓето се адаптираат на вакцината, ќе постигнеме колективен имунитет во средината на август“, порача тој.
Откако во Турција започна масовната кампања за вакцинација кон средината на јануари, досега администрирани се над 45,87 милиони дози вакцини против коронавирусот.
Над 31,12 милиони луѓе ја примија првата доза, додека над 14,74 милиони се целосно вакцинирани, покажуваат податоците на турското Министерство за здравство.
Во Турција започна вакцинацијата против Ковид-19 на лицата на 18-годишна возраст и повеќе, кои веќе од денеска ќе можат да закажуваат термини.