Esra Kaymak
19 Март 2017•Ажурирај: 19 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Западот се чувствува вознемирено од Турција, која го подига својот глас под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој им се спротиставува на нивните грешки и ги открива пред светот, изјави денес портпаролот на турското претседателство, Ибрахим Калин, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за „Си-ен-ен Турк” во врска со неговата последна книга „I, the Other, and Beyond”, која се фокусира на односите меѓу исламот и Западот, Калин изјави дека туркофобијата во Европа има длабоки корени и понекогаш е дури поголема и од исламофобијата меѓу Европјаните.
„(Со сегашниот екстремен десничарски пристап) Европа ја враќа сликата на „ужасни Турци”, создадена во 16 и 17 век”, рече тој.
„Западот, особено Европјаните, се вознемирени од она што го гледаат во огледалото, бидејќи таму ги гледаат своите грешки”.
Но, наместо да учат од своите грешки, тие го напаѓаат Ердоган, кој го држи огледалото на нивните грешки, вели Калин.
„Тие го напаѓаат Ердоган, и постои група на луѓе, особено во Германија, кои имаат субјективна гледна точка за Турција и за нашиот претседател”, додаде тој.
Запрашан во врска со неодамнешното зачестено спомнување на Ердоган во германските медиуми, Калин изјави дека тие тоа го прават намерно за да го тргнат вниманието од нивните сопствени проблеми како што се домашните интегративни прашања, вклучувајќи ги и германските државјани со турско потекло.
Турскиот претседател со години повикува повеќе од три милиони припадници на турски иселенички заедници да не се откажуваат од својот идентитет, вели Калин, но за разлика од САД, европските земји го присилуваат народот да го задржи само нивниот втор европски идентитет и да дозволат оригиналниот идентитет да исчезне.
„Доколку ги погледнете дискусиите за плурализмот во Европа во нив се вели дека системот е одржлив сè додека се интегрирани (во него) различните јазици и култури”, изјави Калин. „Она што Германците го наметнуваат не е интеграција туку асимилација”.
Калин ги изнесе своите забелешки откако германските официјални претставници вчера им дозволија на поддржувачите на терористичката организација ПКК да маршираат во Франкфурт, откако им забранија на турските министри и политичари да им се обратат на турските гласачи во земјата.
Според Калин, неодамнешните изјави против Германија не се појавиле од никаде, туку се појавени како одговор на германскиот систематски пристап кон турската кампања за референдумот што треба да се одржи на 16. април.
Во врска со објавите на медиумите дека Германија им дозволила на поддржувачите на ПКК да маршираат во знак на одмазда против Турција, Калин изјави дека доколку тоа е точно тогаш тоа е „апсурдно”. Тој додаде дека токму минатата недела германското Министерство за внатрешни работи навидум ја уверило Турција дека не е дозволена употреба на про-ПКК симболи и знамиња на демонстрациите.
Иако Турција, ЕУ и САД ја сметаат ПКК за терористичка организација, со години таа отворено одржува демонстрации ширум Европа, особено во Германија и Франција.
По маршот на ПКК, германскиот амбасадор во Турција вчера беше повикан во турското Министерство за надворешни работи при што инцидентот беше строго осуден, истакна Калин.
Денес, министерот за правда Бекир Боздаг исто така ја осуди Германија поради дозволување на маршот, додавајќи дека ни демократијата, ниту слободата за изразување или слободата на собир можат да го објаснат ова постапување.
„За жал, германската влада и официјалните претставници ја прифатија ПКК и другите терористички организации”, изјави тој за новинарите во централната област Јозгат.
Тој истакна дека Германија се смета за засолниште не само на членовите на ПКК туку и на терористичката организација ФЕТО, како и терористите на ДХКП-Џ. Терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен, стои зад обидот за државен удар кој се случи минатата година на 15. јули во Турција, во кој загинаа 249 лица, а илјадници беа повредени.