Sultan Çoğalan
22 Септември 2016•Ажурирај: 23 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Претседателството на Република Турција, Ибрахим Калин, предупреди дека терористичката организација ФЕТО не претставува само закана во Турција и САД, туку и во сите земји во кои дејствува, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во изјава за телевизијата „ТРТ Хабер“, портпаролот Калин изјави дека говорот на турскиот претседател Ердоган на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк бил своевиден глас на разумот и совеста на целото човештво.
Потсетувајќи дека Ердоган во таа пригода особено се осврнал на обидот за државен удар во Турција, Калин изјави дека тоа бил груб удар на демократијата, кој бил спречен со храброто востание на народот. Тој додаде дека борбата против терористичката организација ФЕТО, која стои зад тој удар, е важен елемент на глобалната борба против тероризмот.
Нагласувајќи дека тероризмот е глобален проблем и глобална закана за мирот и безбедноста, Калин изјави дека во борбата против тој проблем е потребна соработка и сојузништво на целиот свет.
„Турција паралелно се бори против три терористички организации. Првата е ДАЕШ, која е тема на целиот свет и во Турција, втората е ПКК, а третата е ФЕТО, која го изврши крвавиот обид за државен удар на 15 јули во Турција“, изјави Калин и додаде дека ниту една друга земја нема таква важна геополитичка позиција и што истовремено се соочува со толку терористички групи.
- Калин: Нашето барање е Ѓулен да се испорача директно во Турција -
Осврнувајќи се и на турското барање упатено кон САД, за испорачување на челникот на терористичката организација ФЕТО, Фетулах Ѓулен, Калин изјави дека испорачувањето и претходното приведување или апсење претставуваат процес што е во тек.
Истакнувајќи дека надлежните турски власти претходно на властите на САД им испратиле документација поврзана за претходното обвинение подигнато против Ѓулен, а дека по обидот за државен удар испратиле и ново досие, Калин изјави дека тоа е правна постапка којашто е во тек, но дека не смеат да се занемарат и социјалните и политичките аспекти и можните последици од тој случај.
На прашањето на новинарите за наводите на некои кругови за можното испорачување на Ѓулен од САД во некоја трета земја, Калин изјави дека Ѓулен е турски државјанин и дека Турција барала негово директно испорачување поради делата сторени во Турција.
„Ние за време на целиот процес баравме директно испорачување во Турција, а не на друго место. Затоа, тие што донесуваат одлуки во САД треба да седнат и добро да го преиспитаат случајот. Доколку одлучат да ја изгубат соработката со земја каква што е Турција, тоа ќе има тешки последици, и тоа долгорочни“, предупреди Калин.
Калин исто така изјави дека целата турска заедница е согласна со тоа дека обидот за државен воен удар бил дело на терористичката организација ФЕТО и дека САД со занемарување на тој факт би покажал дека не го разбира турското општество.
„ФЕТО не е закана само во Турција и во САД. Таа организација може своите поданици да ги инфилтрира во институции и слични акции во сите земји во кои дејствува“, изјави портпаролот на турското Претседателство.
- Турската пријателска рака и понатаму е подадена на сириските бегалци -
„Турција не е најбогатата земја на светот, ниту е меѓу најбогатите, но е земја што моментално згрижува најголем број бегалци во светот. Турција е прва во светот и кога станува збор за издвојување помош за бегалците во однос на бруто националниот доход по жител“, изјави Калин.
Истакнувајќи дека Турција не им помага само на сириските бегалци, туку на сите загрозени во светот, Калин упати апел до лидерите во светот, во решавањето на бегалската и мигрантската криза да пристапат од хуманитарен аспект, а не само од аспект на економски трошоци.