Elena Teslova
26 Ноември 2026•Ажурирано: 26 Ноември 2026
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан денес најави дека руските граничари ќе ја напуштат неговата земја во наредните години, јавува Анадолу.
На прес-конференцијата во главниот град Ереван, Пашинјан рече дека руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) целосно ќе ги прекине своите операции во Ерменија.
„Благодарни сме им на руските граничари што во овој период беа на границите на Ерменија. Но сметам дека дојде време во наредните години целосно да ја преземеме одговорноста за нашите граници“, рече тој.
Според договорот од 1992 година, припадниците на граничната служба на ФСБ заедно со граничните сили на ерменската Национална безбедносна служба ги обезбедуваат границите на Ерменија со Турција и Иран.
Планираното повлекување следува во услови на сè поголемо дистанцирање на Ерменија од Москва.
Во февруари 2024 година Ереван го замрзна учеството во Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ), предводена од Русија, обвинувајќи го сојузот дека не ги исполнил своите безбедносни обврски за време на ескалацијата на конфликтот со Азербејџан во периодот 2021-2022 година.
Иако Ерменија формално не се повлече од блокот, Пашинјан изјави дека интересот на земјата за организацијата веќе ја достигнал својата крајна точка.
Пашинјан, исто така, ја доведе во прашање потребата од продолжено руско воено присуство во Ерменија, а во септември изјави дека 102. руска воена база во Гјумри не е од суштинско значење за безбедноста на земјата.