Süleyman Elçin
01 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
АНТАЛИЈА (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, соопшти дека турските безбедносни сили во текот на минатата година заплениле рекордни 22,2 тони хероин и 2,8 тони кокаин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ресорниот турски министер во Анталија присуствуваше на состанокот на кој се анализирани акциите што турските безбедносни сили минатата година ги спроведоа во рамките на борбата против криумчарење дрога.
Тој рече дека борбата против шверцот со дрога во Турција се интензивирала во 2017 година кога била наредена од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој повика да се искористат сите можности и ресурси за намалување на криминалот поврзан со дрогата и стапката на смртност.
„Неуморно ја продолжуваме борбата против дрогата. Го намаливме бројот на смртни случаи поврзани со дрога од 941 на 314. Во 2021 година бројот на такви смртни случаи беше околу 190, бидејќи извештаите од Институтот за судска медицина доаѓаат 3-4 месеци подоцна. Овој пад ќе продолжи. Тројно го зголемивме бројот на годишни операции и извршивме 217.000 во 2021 година“, рече Сојлу.
Тој рече дека турските сили заплениле рекордни количини дрога и наркотици во тие операции.
„Во 2021 година соборивме рекорди во историјата на Републиката и запленивме 22,2 тони хероин и 2,8 тони кокаин. Запленивме и 5,5 тони метамфетамин, 8.454.308 синтетички дроги во таблети. Минатата година откривме и запленивме 70 милиони стебла на канабис“, рече Сојлу.
Најавувајќи го продолжувањето на борбата, Сојлу рече дека операциите главно ќе бидат спроведувани во текот на денот за нацијата да може да ја види решителноста на турската полиција и жандармерија во борбата против наркочумата.