Sena Güler
05 Мај 2019•Ажурирај: 05 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Анкара е посветена на заштитата на правата на кипарските Турци во Источниот Медитеран и Егејското Море во рамките на меѓународното право, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за одбрана овие изјави ги даде откако грчкото Министерство за надворешни работи ја повика Турција да престане со активностите на дупчење во Источниот Медитеран.
„Заедно со правата во Источниот Медитеран и Егејското Море, во рамките на меѓународното право, Турција, како земја гарант, е посветена секогаш да ги штити правата на жителите на Турската Република Северен Кипар (TRNC) и да не дозволи да остане тоа како свршен чин“, изјави Акар за АА.
Акар ја повика Грција на здрав разум и соработка и додаде дека енергетските извори во Егејското Море и Источниот Медитеран треба да послужат како мост за мир, дијалог и заеднички развој.
Турското Министерство за надворешни работи, исто така издаде соопштение во кое ги негира изјавите на високата комесарка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, во врска со активностите на Турција во истражувањaта за гас и нафта во Источниот Медитеран.
„Активностите поврзани со овие истражувања на Турција, во регионот на Источниот Медитеран се засноваат на нејзините легитимни права што произлегуваат од меѓународното право.“
„Како што претходно истакнавме во многу наврати, со најдолгата крајбрежна линија во регионот, ние ќе ги штитиме нашите сопствени права и интереси во рамките на нашиот континентален гребен, како и оние на кипарските Турци околу островот Кипар“, објави Министерството.
Турција постојано ја обвинуваше администрацијата на кипарските Грци за едностраните дупчења во Источниот Медитеран, нагласувајќи дека кипарските Турци исто така имаат права на ресурсите во подрачјето.
Кипар е поделен уште од 1974 година, по државниот удар на кипарските Грци, кој беше проследен со насилства против турските жители на островот и интервенцијата на Анкара како земја гарант.