Muhammed Boztepe
03 Ноември 2019•Ажурирај: 05 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Министерството за одбрана на Турција соопшти дека го осудуваат Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД) кој прифати таканаречениот ерменски геноцид, како и Националното собрание на Франција кое ја опиша ПКК/ЈПГ како „сојузник“, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Го осудуваме Претставничкиот дом на САД, кој го прифати таканаречениот ерменски геноцид, како и Националното собрание на Франција, кое ја опиша ПКК/ЈПГ како сојузник“, се вели во соопштението на ова министерство.
Во соопштението се критикуваат и САД поради актуализирањето на нацрт-законот за таканаречениот ерменски геноцид, како и донесувањето одлука за санкции кон Турција и нејзините функционери.
„Тоа што САД го актуализираат нацрт-законот за ерменскиот геноцид, покажувајќи ја како образложение операцијата „Извор на мирот“, и донесоа одлука за санкции кон нашата земја и нејзините функционери, е во спротивност и со договорот потпишан на 17 октомври 2019 година, и со духот на стратешкото партнерство и сојузништво на НАТО“, се наведува во соопштението.
Според ова соопштение, одлуката донесена од страна на Националното собрание на Франција која ја таргетира операцијата „Извор на мирот“, е обид за криење на фактите.
„Одлуката на Националното собрание на Франција која ја таргетира операцијата „Извор на мирот“, не е нешто друго освен обид за искривување и криење на фактите од францускиот народ, како и од светската јавност“, се нагласува во соопштението.
„Треба да се знае дека Турција, која е последната пречка меѓу Европа и тероризмот, е земја на фронтот во борбата против тероризмот“, се додава во соопштението на Министерството за одбрана на Турција.