АНКАРА (АА) - Турските официјални претставници ја осудија одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за воведување санкции врз Турција поради нејзиното купување на рускиот систем за ракетна одбрана С-400, јавува Агенција Анадолија (АА).
Критикувајќи го ваквиот чекор, потпретседателот Фуат Октај изјави дека санкциите само ќе ја засилат посветеноста на земјата да ги зајакне своите национални интереси и одбранбена индустрија под водство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Санкциите на ниту една земја нема да го поколебаат решителниот став на Турција. Ја осудуваме одлуката и ги повикуваме САД да се повлечат од оваа грешка што е можно поскоро“, напиша Октај на Твитер.
„Претседателот на Парламентот, Мустафа Шентоп, изјави дека санкциите не одговараат на духот на сојузот. Ќе продолжиме да го преземаме секој чекор со решителноста што е неопходна за безбедноста на нашата држава“, порача тој преку Твитер.
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, исто така го нагласи решителниот став на Турција во пресрет на санкциите, додавајќи дека Турција одлучно ќе продолжи да презема чекори за да ги постигне целите во одбранбената инудстрија.
„Ниту една одлука донесена во странство кон мене или кон нашите институции нема да го промени мојот став и ставот на мојот тим“, објави на Твитер Исмаил Демир, шефот на Претседателството на одбранбени индустрии на Турција.
„Санкциите нема да можат да ја попречат турската одбранбена индустрија на кој било начин“, додаде тој.
Вршителот на должноста претседател на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК Parti) ги повика САД веднаш да ја преиспитаат одлуката за санкции, додавајќи дека потегот нема да застане на патот на целите во одбранбената индустрија на земјата.
„Во пресрет на новите односи меѓу Турција и САД, одлуката на САД за еднострани санкции кон нашата земја е крајно ирационална и очајна за иднината на нашите односи“, изјави Нуман Куртулмуш на Твитер.
Преку соопштение, турското Министерство за надворешни работи, исто така, ги осуди санкциите.
„Ја осудуваме и отфрламе одлуката за воведување еднострани санкции кон Турција, објавена од САД во контекст на турското купување на системите за противвоздушна одбрана С-400“, нагласи Министерството.
Директорот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, пак, ја опиша одлуката како нелогична, неубедлива и против духот на партнерството.
Алтун истакна дека Турција постапила така за да ја осигура својата национална безбедност, како и да ја поддржи регионалната и глобалната стабилност, а не да создава тензии со која било земја.
„Нашата посветеност кон нашиот национален суверенитет е непоколеблива и затворена за влијанието на заканите со санкции“, рече Алтун.
„Наместо да ни воведат санкции, ние очекуваме од САД, нашиот НАТО-сојузник, да ја поддржат нашата борба против терористичките организации и третите страни кои спроведуваат манипулативни работи во нашиот регион. Стратешкото партнерство меѓу Турција и САД е многу важно за да биде жртвувано за краткорочни политички цели или за задоволување на антитурските лобисти.“
Тој додаде: „Ќе продолжиме да веруваме дека САД ќе се вратат од оваа грешка без одлагање.“
- Американски санкции -
Министерството за финансии на САД вчера воведе санкции кон Турција поради купувањето на рускиот систем за ракетна одбрана С-400.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео преку соопштение истакна дека Одбранбените индустрии на Турција (SSB) свесно учествувале во значајна трансакција со „Рособоронекспорт“, главната руска агенција за извоз на оружје, за набавка на ракетниот систем С-400.
„Санкциите вклучуваат забрана на сите американски дозволи за извоз и овластувања за ССБ и замрзнување на имотот и ограничувања по прашање на визите за д-р Исмаил Демир, претседателот на ССБ и други службеници на ССБ“, додава Помпео.
Претседателот Доналд Трамп во јуни 2019 година изјави дека администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама неправедно се однесувала кон Турција кога Анкара побарала да купи американски одбранбени системи.
„Администрацијата на Обама ѝ кажа на Турција не, не, не, кога сакаа да го купат „Патриот“, а потоа Турција го купи С-400“, рече Трамп во текот на обраќањето на Самитот на Г20 во Осака, Јапонија.
Во април 2017 година, кога долготрајните обиди за купување на систем за противвоздушна одбрана од САД се покажаа како неплодни, Турција потпиша договор со Русија за набавка на штитот С-400.
Спротивставувајќи се на распоредувањето на рускиот систем, американските власти тврдат дека тие ќе бидат некомпатибилни со системите на НАТО и дека ќе ги изложат авионите од следната генерација Ф-35 на евентуална руска измама.
Турција, сепак, истакна дека С-400 нема да биде интегриран во системите на НАТО и не претставува закана за Алијансата или за нејзиното вооружување.
Турција, исто така, предложи гормирање Комисија за разјаснување на какви било технички прашања, но САД не одговорија на овој предлог.
Анкара ги отфрли предлозите на американските лидери да го остави рускиот систем С-400 неактивен за да избегне санкции.
С-400 се смета за еден од најнапредните ракетни системи во светот, способен да следи неколку цели истовремено.
news_share_descriptionsubscription_contact


