Çiğdem Alyanak,Emrah Güney
19 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, вечерва изјави дека во телефонскиот разговор со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, по атентатот на рускиот амбасадор во Анкара, Андреј Карлов, укажа на потребата од интензивирање на соработката во борбата против тероризмот на меѓународно ниво, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во вечерашниот разговор се усогласивме околу прашањето за уште посилна соработка во борбата против тероризмот на меѓународно ниво", изјави Ердоган, додавајќи дека нападот претставува провокација со која сакаат да се нарушат односите на двете земји.
„Знаеме дека ова е провокација со која сака да се наруши процесот на нормализација на односите помеѓу Турција и Русија. Но Русија и Турција ја поседуваат потребната волја да не наседнат на вакви провокации", изјави Ердоган за АА.
Најостро го осуди овој, како што изјави подол и брутален напад на амбасадорот Карлов во Анкара, кој, како што додаде, имал извонреден углед помеѓу дипломатите.
„Вечерва имав прилика да разговарам со претседателот на Русија, Путин. Од самиот почеток, сите почнувајќи од мене, премиерот, министерот за внатрешни работи, министерот за здравство и сите други релевантни структури, следиме од блиску се што се случува. Во име на својата земја и мојот народ му упатувам сочуство на рускиот народ", изјави Ердоган.
Тој истакна дека руските власти барале да се зголемат мерките за безбедност во близина на амбасадата и конзулатот на Русија.
„Од нас бараа да се зголемат мерки на безбедност во близина на амбасадата и конзулатот на Русија. Освен тоа, иако баравме тоа да го направиме, тие бараа да пратат авион во кој ќе биде префрлено телото на амбасадорот Карлов. Исто така, во врска со истрагата, изјавија дека би било многу поправилно да пратат и свој персонал кој би бил ангажиран заедно со нашиот персонал во овој случај. Ние рековме дека заедно работиме на тоа и дека тоа не претставува проблем за нас, и дека во врска со тоа издадовме потребни упатства, пред се на премиерот и другите релевантни министри", изјави претседателот Ердоган.