АНКАРА (АА) - Министерот за транспорт и инфраструктура на Република Турција, Мехмет Џахит Турхан, изјави дека целта на проектот за изградба на нов канал меѓу Мраморното Море и Црното Море е јакнење на безбедноста на поморскиот сообраќај, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашата цел е да понудиме алтернативна рута за корисниците на Босфорот. Планот ни е капацитетот на „Каналот Истанбул“ да биде речиси трикратно поголем од капацитетот на босфорскиот канал“, изјави Турхан како гостин на уредничкиот деск на АА.
Тој изјави дека со новиот канал низ Истанбул, дневно, на безбеден начин ќе поминуваат до 185 бродови, а моментално низ Босфорот пловат меѓу 118 и 125 бродови.
Истакнувајќи дека годишно за поминување на бродовите низ новиот канал ќе бидат инкасирани најмалку милијарда долари, Турхан изјави дека целта е да се изгради канал со капацитет од 68.000 поминувања на бродови годишно, а за просечно поминување од околу 50.000 бродови ќе бидат наплатени вкупно пет милијарди долари.
Ресорниот турски министер Турхан, исто така, изјави дека Босфорот е еден од најризичните канали за поморскиот транспорт и дека со постојан раст на трговскиот транспорт расте и ризикот по животите на луѓето што живеат во тој истанбулски регион.
„Во изминатите 15 години е забележано намалување на бројот на бродови што поминуваат низ Босфорот за 25 отсто, но истовремено за 53 отсто е зголемен товарот на стоката што е транспортирана, а тоа нас особено нè загрижува бидејќи во голема мерка се работи за опасни и запаливи материи“, изјави Турхан и додаде дека е алармантно зголемувањето за така тесен премин.
Новиот канал со должина од 45 километри ќе биде граден западно од Босфорот и западно од центарот на градот, на европскиот дел од Истанбул.
Турхан изјави дека според пресметките, проектот за новиот канал во Истанбул би требало да чини 15 милијарди долари. Тој додаде дека поголем интерес за соработка покажале реномирани компании од Холандија, Белгија и Франција.
Надлежното Министерство за околина и урбанизам на Турција ја издаде потребната согласност за тој мегапроект со кој значително ќе се олесни транспортот на опасни материи низ Босфорот.
Турскиот министер за транспорт и инфраструктура, Турхан, денес како гостин на уредничкиот деск на АА изјави дека планот за изградба на „Каналот Истанбул“ ќе започне оваа, а ќе биде завршен кон крајот на 2025 или на почетокот од 2026 година.