Enes Kaplan
22 Декември 2021•Ажурирај: 23 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека турската вакцина „Турковак“, која доби дозвола за итна употреба, влезе во сериско производство и влегува во масовна употреба, е симбол на напорот кој земјата го прави за на најефикасен начин да ја заштити нацијата од пандемијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство на Турција, Фахретин Коџа, присуствуваше на пуштањето во сериско производство на инактивната турска вакцина „Турковак“ во комплексот на индустриската зона во Шанлиурфа, а на настанот со посредство на видеоконференција присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Коџа соопшти дека вакцината ги помина сите фази на испитувања, дека денеска доби дозвола за итна употреба и ја најави нејзината широка употреба веќе од наредната недела.
Турскиот претседател Ердоган се обрати на присутните и им се заблагодари на сите кои придонесоа во развојот и испитувањето на вакцината „Турковак“.
„Важно е дека Турција дојде до ниво да произведува вакцина како најефикасно средство во борбата против пандемијата која веќе две години е присутна во светот. Особено е важно што вакцината ја развија нашите турски научници и истражувачи и што патентот на тој производ е наш“, рече Ердоган.
Тој истакна дека на турските граѓани им е понудена и трета опција, односно, дека тие, покрај вакцината на „БајоНТех“/„Фајзер“ и „Синовак“, можат да ја изберат и вакцината „Турковак“.
„Знам дека некои наши граѓани го презедоа сиот ризик и ја одложуваа вакцинацијата сѐ додека не добиеме наша домашна вакцина. Ги повикувам што порано да ги закажат термините и да ја примат вакцината „Турковак“. Во текот на пандемијата делевме медицински резерви, особено маски, на 160 земји и 12 меѓународни организации низ светот. Исто така, дел од вакцините кои ги добиваме од други места, ги праќаме во некои пријателски земји на кои им се итно потребни. Со задоволство ќе ги поделиме и вакцините „Турковак“ со целото човештво“, порача Ердоган.