Tuğçenur Yılmaz
14 Август 2018•Ажурирај: 15 Август 2018
АНКАРА (AA) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Анкара изјави дека неговата земја е подготвена со новата влада на Ирак да работи на јакнење на соработката на неколку полиња и продлабочување на билатералните односи, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган и премиерот на Ирак, Хајдер ал Абади, се состанаа во Претседателската палата во Анкара, по што одржаа заедничка конференција за новинарите.
„Подготвени сме со новата влада која ќе биде формирана, да работиме на продлабочување на билатералните односи и развивање на соработката во неколку клучни полиња, меѓу кои се безбедноста и економијата“, рече Ердоган.
Тој додаде дека безбедноста, благосостојбата и стабилноста на Ирак значат и безбедност, благосостојба и стабилност на Турција.
„Вториот граничен премин ќе биде во корист на Ирак и нашата земја. Верувам дека ќе ги преземеме потребните чекори за ова прашање. Проблемот на Ирак е и наш проблем. Подготвени сме да направиме што можеме кога станува збор за повторна изградба на земјата“, рече Ердоган.
Абади рече дека Ирак пружа поддршка на Турција.
„Во врска со националната валута, ние сме со Турција. Ја поддржуваме Турција во сите мерки што ќе ги преземе“, рече Абади.
Укажа и на заедничкиот став за прашањето на безбедноста на границата.
„Не сакаме ниту една терористичка организација да дејствува на ирачката територија и се спротиставуваме на тоа“, рече Абади.