Mehmet Tosun
03 Мај 2021•Ажурирај: 04 Мај 2021
ЕСКИШЕХИР
Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, соопшти дека турските безбедносни сили неутрализирале уште седум терористи на ПКК во северниот дел на Ирак, јавува Агенција Анадолија (АА).
Акар во придружба на воениот врв на Турција ја посети воената команда во Ескишехир, од која се раководи со воздушните дејства на турските сили кои ги спроведуваат антитерористичките операции „Канџа-Молња“ и „Канџа-Гром“, во северниот дел на Ирак.
Тој изјави дека турските сили продолжуваат да ги чуваат и бранат правата и слободата на турскиот народ внатре и надвор од границите на таа земја.
Акар истакна дека Турција води одлучна борба против сите терористички организации, како што се ФЕТО, ПКК/ЈПГ и ДЕАШ, но дека тие теми понекогаш е тешко да им ги објасни на сојузниците и НАТО.
„Не се бориме само против терористичките организации, туку против сите закани по Турција и нејзиниот народ. Го правиме тоа во нашите граници и на северниот дел на соседните Ирак и Сирија. Истовремено сме и со нашите братски земји Азербејџан и Либија“, изјави Акар.
Турските сили на 23 април во северниот дел на Ирак ги започнаа антитерористичките операции „Канџа-Молња“ и „Канџа-Гром“, а Акар изјави дека станува збор за операции што многу успешно се извршуваат на непристапни терени на планинските падини и кањони.
Истакнувајќи дека турските војници ги уништуваат засолништата, пештерите и сличните терористички дувла, Акар изјави дека најголема закана за турските сили претставуваат ракетните и други проектили што терористите на ПКК ги добиле од некои држави.
„Денес се неутрализирани седум терористи, со што бројот на неутрализирани од почетокот на операциите е зголемен на 53. Пронајдена е една пештера за која била потребна посебна тактика. Специјалците и командосите ја уништиле и во неа неутрализирале седум терористи. Еден од нив бил водачот на терористите во тој регион. Нашите сили го извршија тоа без загуби“, изјави Акар.
Нагласувајќи дека Турција никогаш немала проблеми со своите курдски браќа, Акар изјави дека Курдите се рамноправни граѓани на Турција, но дека Турција има проблем со терористите, без оглед на нивниот етнички идентитет.
„ПКК, ни на еден начин не може да ги претставува нашите браќа Курди. ПКК има проблем на идентитет бидејќи во нејзините редови има Ерменци, Европејци, Африканци, а за жал и Турци. ПКК е терористичка организација“, изјави Акар.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на најмалку 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.
Планинските региони Ќандил, Гара, Метин, Авашин Басјан, Хакурк, Зап и Хафтанин се наоѓаат во северниот дел на Ирак и претставуваат главно засолниште на терористичката организација ПКК.