Hanife Sevinç
24 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ
По налог на Обвинителството во Истанбул приведени се најмалку 41 лице, од 65, за колку што е издаден налог за приведување во вкупно 23 турски градови, а станува збор за осомничени лица во рамките на истрагата за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во Вооружените сили на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Обвинителството се наведува дека станува збор за лица за кои е утврдено дека преку телефони на јавни места, кафетерии, маркети, имале комуникација со високорангирани припадници на терористичката организација ФЕТО.
Овие лица се откриени врз основа на изјавата на претходно приведените припадници на ФЕТО, кои како сведоци покајници открија информации за структурите на ФЕТО.
Обвинителството издаде налог за приведување, а потоа е извршена истовремена акција на вкупно 30 адреси во Истанбул и во уште 23 турски градови.
Во рамките на акцијата досега се приведени 41 осомничено лице, а по останатите 24 сѐ уште се трага.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација со години, преку местење на испитите, напредуваа во службата, на тој начин инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во турското правосудство се обидоа со монтиран процес за наводна корупција да процесуираат бројни високи претставници.
Неколку години подоцна уследи крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч што го извршија офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските власти. За време на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а околу 2.200 беа повредени.