Dilan Pamuk
08 Март 2021•Ажурирај: 09 Март 2021
КОЊА/ИЗМИР/ШАНЛИУРФА (АА) - Најмалку 70 осомничени се приведени во текот на денешниот ден низ цела Турција за поврзаност со терористичката ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во операција во централната турска област Коња, што симултано е спроведена и во седум други области, приведени се четворица осомничени во рамките на истрагата за терористичката организација.
Приведувањата се случија откако обвинителите во Коња издадоа налози за апсење на осуммина осомничени кои делувале како „тајни имами“, високи припадници на ФЕТО, за персоналот на Турските вооружени сили.
Жандармеријата приведе четворица осомничени, а во тек се обидите за приведување и на останатите четворица кои не беа пронајдени на нивните адреси.
Во егејската област Измир, приведени се 31 осомничен во операција спроведена на 30 адреси за кои имаше сомненија дека ги користи терористичката организација.
Обвинителството во Измир издаде налози за приведување на осомничените поради користење на шифрираната апликација за пораки на терористичката организација „БајЛок“ („ByLock“), поради учество во тајните структури на организацијата или продолжување на нивните организациски активности.
Во операциите запленети се вкупно 179.000 долари и 37.500 лири наменети за затворениците и бегалците поврзани со терористичката организација, како и поголема количина дигитален материјал.
Други 35 осомничени лица, меѓу кои и војници, полицајци и јавни службеници, се уапсени од полицијата во операција во југоисточната турска област Шанлиурфа и во 13 градови.
Приведувањата следеа откако обвинителите од Шанлиурфа спроведоа истрага за дешифрирање на активностите на терористичката организација ФЕТО.
Осомничените, меѓу кои има и војници, наставници, академски професори, лекари и полицајци, вршеле организациски задачи во рамките на Турските вооружени сили и жандармеријата, комуницирале преку телефонски говорници и се инфилтрирале во државните институции со нелегално добивање на испитните прашања и користење на бајлок-апликацијата.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој живее во САД, стојат зад неуспешниот државен удар на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а повредени беа 2.734 лица.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за уривање на државниот поредок преку инфилтрирање на нејзините припадници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.