Deniz Çiçek Palabıyık
06 Октомври 2017•Ажурирај: 07 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за транспорт, поморство и комуникации на Република Турција, Ахмет Арслан, денес изјави дека првиот авион на третиот аеродром во Истанбул ќе слета во февруари 2018 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Арслан беше гостин на денешниот уреднички колегиум на АА во Анкара, каде што одговараше на прашањата на новинарите и уредниците на АА.
Во таа пригода се осврна на проектот за изградба на третиот аеродром во Истанбул, кој воедно ќе биде и најголем во светот.
„Кога е во прашање изградбата на третиот аеродром во Истанбул, завршени се 68 отсто од работите. Во февруари 2018 година, на аеродромот ќе слета првиот авион“, изјави Арслан.
Тој додаде дека свеченото отворање на првата етапа на аеродромот ќе биде на 29 октомври 2018 година.
На изградбата на аеродромот моментално работат повеќе од 15.000 лица.
Планирано е на аеродромот дневно да бидат реализирани повеќе од илјада летови, кои Истанбул ќе го поврзуваат со 350 дестинации од целиот свет. На новиот аеродром ќе биде претставен таканаречениот „зелен концепт“.
Истанбул во моментов има два големи аеродрома „Ататурк“ и „Сабиха Ѓокчен“, а целта на изградбата на третиот аеродром е растоварување на воздушниот сообраќај во градот на Босфорот.