Hüseyin Kanber,Mustafa Çiftçi
26 Јуни 2017•Ажурирај: 27 Јуни 2017
АНТАЛИЈА (AA) - ХУСЕИН КАНБЕР - МУСТАФА ЧИФТЧИ -
Аквариумот во турскиот град Анталија, кој секојдневно го посетуваат околу две илјади луѓе, нуди многу интересни содржини, а една од нив е хранењето на рибите, при што се користат шишенца за бебиња.
Голем број туристи од сите делови на земјата и на светот го посетуваат аквариумот во центарот на градот, којшто е дом на повеќе од десет илјади риби.
Аквариумот има четири тематски делови: Црвено Море, Индиски Океан, Атлантски и Тихи Океан.
Покрај 180 ајкули, во аквариумот со зафатнина од 7,5 милиони литри исто така живеат и примероци од водите крај Анталија.
Кемал Кумкумоглу, директор на аквариумот, за АА изјави дека на почетокот од туристичката сезона во градот, зголемен е и бројот на посетителите на аквариумот. Тој додава дека се очекуваат туристи од Русија и од европските земји во сезоната којашто, според него, започна добро.
Меѓу интересните содржини што аквариумот ги нуди се вбројува и хранењето на ајкулите секој ден во 12 часот.
„Во аквариумот живеат 180 ајкули. Сакаме да покажеме дека нема причина за страв. Исто така, секој ден во 14 часот имаме програма на хранење на рибите од видот 'кои' (јапонски крап) со шише за бебиња, изјави директорот на аквариумот“, Кемал Кумкумоглу.
Тој додава дека повеќето посетители ја планираат посетата токму во времето кога рибите се хранат.
„Рибите ги храниме како бебиња. Тоа создава голема возбуда кај учесниците во програмата. Чуварите ставаат специјално подготвена храна во шишиња. Рибите ја јадат храната за неколку минути. Не е важна возраста на лицето што ги храни. Во програмата можат да учествуваат сите, од деца до возрасни, секој што може да го држи шишето“, вели Кумкумоглу.
Тој додава дека во аквариумот живеат и три млади фоки.
„Семејствата ги гледаат претставите со фоките. Ги фотографираат, ги бакнуваат, а фоките им возвраќаат на оние што им посветуваат внимание.
И Туана Ѓулбај (14), која беше љубопитна и сакаше да проба нешто ново, ги хранеше рибите со шишенце.
„Тие се многу забавни, уживав хранејќи ги. Се обидов да ги хранам помалите. Тие се многу слатки. Не знаев дека рибите можат да се хранат со шише. Најчесто храната им се фрла“, рече Ѓулбај.