Behçet Alkan
04 Јули 2022•Ажурирај: 06 Јули 2022
НЕВШЕХИР (АА) - Бројот на туристи кои со турите со балони на топол воздух ја видоа Кападокија е зголемен за 186 отсто во првата половина од годинава во однос на истиот период од претходната година, достигнувајќи 258.914, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата на гувернерот на Невшехир споделена на социјалните мрежи се нагласува дека во регионот во периодот јануари-јуни 2022 година реализирани се 12.558 летови со балони, а во турите со балони учествувале вкупно 258.914 домашни и странски туристи.
Во текот на 2020 година, кога започна борбата против епидемијата на Ковид-19, во турите со балони во Кападокија учествуваа 120.917 лица. Оваа бројка во првите 6 месеци од минатата година изнесуваше 90.493. Според гувернерот, годинава зголемен е интересот за тури со балони во регионот.
Балоните со топол воздух се издигнуваат кон небото на изгрејсонце од Општина Ѓореме и лебдат над долините покриени со самовилски оџаци околу 45 минути.
- Се очекува рекорд на крајот на годината -
Мехмет Динлер, претседателот на Анадолската асоцијација на оператори со балони на топол воздух (ASBID), за Агенција Анадолија (АА) изјави дека климатските услови и географското богатство ја издвојуваат Кападокија од другите туристички центри во светот каде што се реализираат тури со балони.
Наведувајќи дека туристите кои го посетуваат регионот покажуваат голем интерес за турите со балони, Динлер рече: „Минатата година, во турите со балони учествуваа приближно 389.000 туристи. Предвидуваме дека бројот на туристи кои ќе се возат во турите со балони до крајот на оваа година ќе надмине 600.000. Тоа ќе биде нов рекорд. Има голема побарувачка, во втората половина на годината очекуваме зголемување на туристите од земјите од Далечниот Исток како што се Кореја, Малезија и Индонезија. Балоните со топол воздух во Кападокија сега станаа една од поважните туристички атракции во Туркије. Тури со балони има и во Австралија, Франција и земјите од источна Африка, но нема да претерам доколку кажам дека Кападокија е главен град на светот во однос на турите со балони.“
Ања Иверсен, туристка од Данска, рече дека во Кападокија е дојдена за прв пат и дека е пресреќна.
Иверсен додаде дека е возбудена бидејќи со турите со балон на топол воздух ќе го види регионот од птичја перспектива.
Јакоп Пинфолд, турист од Полска, пак, изјави дека балоните додаваат посебна убавина на долините покриени со природни карпести формации и дека ужива гледајќи го пејзажот.