Firdevs Yüksel
10 Март 2021•Ажурирај: 10 Март 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Турција денеска ќе биде положен камен-темелникот за изградба на третата единица на нуклеарната централа „Акују“, која е една од најголемите инвестиции во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
На свеченото отпочнување на изградбата на новата единица на првата турска нуклеарна централа преку видеоконференција ќе присуствуваат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин.
Станува збор за нуклеарна централа што се гради во местото Бујукеџели во дистриктот Гулнар, во Мерсин. Властите на Турција и Русија договорот за изградба на таа електрана го потпишаа во мај 2010 година, а камен-темелникот за изградба на нејзината прва единица е положен на 3 април 2018 година.
Изградбата е интензивирана во април минатата година, кога беа поставени камен-темелникот и втората единица, а денеска започнува изградбата на третата единица која доби дозвола за градба во ноември минатата година.
Нуклеарната централа „Акују“ ќе има вкупно четири реактори со капацитет од по 1.200 мегавати, односно ќе биде со вкупен капацитет од 4.800 мегавати.

Првата единица на централата би требало да започне со работа во 2023 година, кога Турција ја одбележува јубилејната стогодишнина од прогласувањето на Републиката. Останатите три единици треба да се отворат во интервали од една година, така што централата во полн капацитет би требало да биде оперативна до крајот на 2026 година.
Проектот ги доби сите потребни одобренија, а во текот на оваа година се очекува да биде издадена градежната дозвола за четвртата единица за и таа да биде подготвена за почеток на изградбата.
Проектот за нуклеарна централа отвора голем број работни места. За време на најинтензивните работи на изградбата на електраната ќе работат речиси 15.000 луѓе, а по изградбата во електраната „Акују“ ќе работат 4.000 работници.
Нуклеарната централа „Акују“ ќе работи без емисија на штетни гасови и без прекин ќе произведува електрична енергија. Нејзиниот работен век е планиран на период од 60 години, со можност за продолжување на дополнителни две децении.
Со полн капацитет, централата „Акују“ ќе произведува речиси 35 милијарди киловат-часови електрична енергија годишно, што е доволно за задоволување на десет проценти од вкупната побарувачка на енергија во Турција.
Директорот на Институтот за нуклеарни науки при Универзитетот во Анкара, Нијази Мерич, за АА истакна дека од планирањето до изградбата на нуклеарните централи во просек се потребни околу десет години, а самата изградба во просек трае четири години.
„Реализацијата на проектот се спроведува според планираното, што го потврдува и тоа што утре започнуваме со изградба на третата единица“, рече Мерич.
Истакнувајќи дека нуклеарната енергија е нешто што напредните земји го развиваат и го користат веќе седум децении, Мерич рече дека централата „Акују“ значително ќе придонесе во развојот на нуклеарната наука, технологија и стручниот кадар во таа област во Турција.