Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
01 Ноември 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
АНКАРА (АА) – Американскиот претседател Џо Бајден покажа позитивен став во врска со продажбата на воените авиони Ф-16, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на прес-конференција на самитот на Г20 во Рим, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Прашањето за модернизација на Ф-16 што ги имаме или за нови Ф-16 беше поставено (за време на средбата со Бајден). Нашите министри за одбрана го следат процесот“, изјави Ердоган за новинарите.
Претходно денеска, турскиот и американскиот претседател одржаа состанок зад затворени врати кој траеше повеќе од еден час.
Одговарајќи на прашање за неговата средба со Бајден, Ердоган рече дека го пренел жалењето на Турција поради поддршката што ја добиваат „терористичките организации како ПКК, ПЈД, ЈПГ, особено од САД“.
„Како (двe земји) НАТО сојузници, изразивме жалење за она што оваа поддршка (на терористичките организации) ни донесе“, додаде Ердоган.
Таквата поддршка за терористичките организации ѝ штети на солидарноста меѓу двете земји, рече Ердоган, додавајќи дека верува дека американската поддршка во оружје за терористичките организации во Сирија во иднина нема да продолжи.
Ердоган се осврна и на влијанието на пандемијата на Ковид-19 врз глобалната економија.
„Иако глобалната економија почна да закрепнува во 2021 година, нашите економии сè уште се соочуваат со сериозни предизвици.“
„Институциите кои го контролираат глобалниот финансиски систем не треба да станат алатка за политички манипулации, што нема разумно економско оправдување“, рече турскиот претседател.
„Миграцијата и управувањето со миграцијата се елементи кои директно влијаат на одржливиот развој“, рече Ердоган, потсетувајќи дека Турција е домаќин на речиси 5 милиони мигранти, од кои 3,6 милиони сириски државјани.
„Ние (Турција) сме една од земјите кои најмногу го чувствуваат товарот на миграциите, особено од Авганистан. Ние (Турција) многу добро ја знаеме и димензијата на човековата безбедност на миграциската криза и што значи да се остане сам во борбата против миграциите“, додаде Ердоган.
Турскиот претседател, исто така, рече дека Турција настојува да биде претседавач со работната група што предложила да се формира за Авганистан во рамките на Г-20.
Одговарајќи на прашањето за новиот миграциски бран од Авганистан, Ердоган рече дека „во моментов Турција не очекува таков масовен миграциски бран од Авганистан“. Истакна дека се очекуваат околу 300.000 авганистански мигранти според официјалните податоци на турското Министерство за внатрешни работи.
За климатските промени, турскиот претседател упати критики кон одредени земји, без да спомене кои.
Тој рече: „Сумата што земјите најголеми загадувачи во светот ја трошат за борбата против нерегуларната миграција е приближно двојно поголема од сумата што ја издвојуваат за борба против климатските промени. Оваа искривена слика е навистина засрамувачка“.
Како одговор на прашањето во врска со предлогот на Европската Унија за создавање на сопствени колективни вооружени сили, Ердоган рече дека тоа не е можно.