Muhammed Boztepe
17 Мај 2021•Ажурирај: 18 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика сите меѓународни организации да ги преземат потребните чекори и мерки за заштита на Палестинците, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ги повикуваме Обединетите нации (ОН), Советот за безбедност на ОН, Организацијата за исламска соработка и сите други меѓународни организации да работат во корист на угнетените Палестинци и Кудс [Ерусалим]“, рече Ердоган во обраќањето по состанокот на турскиот Кабинет во Анкара.
Тој предложи формирање на комисија од претставници на трите главни религии за управување со Кудс.
„Најправилниот пат во денешно време е со Кудс да управува комисија составена од претставници на трите големи религии“, рече Ердоган.
Тој исто така ја осуди Австрија за истакнувањето на израелското знаме на зградата на Владата.
„Убиец без соперник, Израел убива 5-6 годишни деца. Убива жени, убива стари лица“, додаде турскиот претседател, напоменувајќи дека Турција продолжува да вложува напори за заштита на Палестина и Кудс.
„Денес пак повторувам дека со 84 милиони Турција ја продолжува својата стража, чувањето на Кудс“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на други политички прашања во државата и регионот, додавајќи дека турските сили го неутрализирале клучниот челник на ПКК за Сирија.
„Терористот со кодно име Софи Нуретин, челник на ПКК за Сирија, е неутрализиран во северен Ирак“, рече Ердоган и додаде:
„Истата судбина ги чека сите што ја предадоа оваа држава, испукаа куршуми кон неа, му нанесоа штета на нашиот народ, го загрозија интегритетот на нашата држава, единството на нашата нација и опстанокот на нашата држава“, рече тој.
Потоа говореше и за мерките што Турција ги воведе со цел сузбивање на пандемијата на коронавирусот во претходниот период.
„Се надеваме дека во борбата против Ковид-19 отсега нема да има потреба за толкави рестриктивни мерки како претходно. Со делумниот и целосен карантин во месецот Рамазан, Турција повторно го стави коронавирусот под контрола“, рече Ердоган.