Ferdi Türkten
30 Август 2021•Ажурирај: 31 Август 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција гради голем комплекс што ќе го собере раководството на одбраната и војската и со својата импозантност ќе влева страв кај турските непријатели, а сигурност кај пријателите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган присуствуваше на церемонијата на положување камен-темелник на проектот „Месечина и ѕвезда“, односно комплекс што на едно место ќе го собере комплетниот одбранбен и воено-команден естаблишмент на Турција.
Тој во обраќањето пред присутните го честиташе националниот празник Денот на победата и Денот на вооружените сили и му оддаде почит на основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк и неговите соборци кои на денешен ден пред 99 години извојуваа победа во Војната за независност на земјата.
„Продолжуваме од генерација на генерација да го пренесуваме духот на 30 август, и на целиот свет да му ја покажуваме нашата одлучност во одбраната на независноста и слободата“, рече Ердоган и додаде дека празникот е пригода да се положи камен-темелник на проектот „Месечина и ѕвезда“ кој го спроведува Министерството за одбрана на Турција.
Тој рече дека Генералштабот на турската војска и Министерството за образование се сместени во згради изградени во 1930-тите години, и дека и командите на копнените, поморските и воздухопловните сили се исто така сместени во згради кои претходно се градени во согласност со тогашните можности и потреби на Турција.
„Со развојот на Турција растат и нејзините одбранбени потреби и стана неопходно сите единици на одбраната да бидат под еден покрив и координирано да дејствуваат во модерен инфраструктурен амбиент. Сега нам ни треба еден центар од кој ќе ги координираме инвестициите, трошоците и потребите на одбраната и така на светот ќе му испратиме силна порака. Сметаме дека ни прилега таков комплекс во период кога се говори за сложена киберодбрана“, рече Ердоган.
Комплексот „Месечина и ѕвезда“ го доби називот по објектите кои што во тој облик ќе се гледаат од воздух, а најавено е дека градбата ќе ги задоволува највисоките еколошки стандарди.
„Ќе изградиме централен одбранбен систем. Комплексот што го видовте на екранот во иднина ќе влева страв кај непријателите, а сигурност кај нашите пријатели“, рече Ердоган и додаде дека комплексот се гради на површина од 12,6 милиони квадратни метри и дека во него ќе работат 15.000 луѓе.
Турскиот претседател Ердоган истакна дека планот е големото отворање на комплексот „Месечина и ѕвезда“ да се одржи на 19 мај 2023 година, на 100-годишнината од основањето на Република Турција.
„Верувам дека монументалните градби како Претседателската палата и овој проект, освен нивните основни намени, воедно се и симболи на моќта на нацијата и државата“, порача Ердоган.
Тој укажа и на крупните чекори во развојот на одбранбената индустрија на Турција, особено во областа на развојот на домашното производство, со акцент на беспилотните летала.
„Веќе на меѓународниот пазар не прашуваме кој што ќе ни продаде, туку прашуваме кој што ќе купи од нас“, рече Ердоган.