Ahmet Sertan Usul
16 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
АНКАРА
Младите луѓе во Турција ќе бидат клучни на следните општи и претседателски избори во земјата, закажани за 2023 година, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Повеќе од шест милиони наши млади луѓе гласаат по прв пат на изборите во 2023 година“, изјави Ердоган во обраќањето на Младинскиот фестивал на локални управи во Анкара, главниот град на Турција.
„Клучот за претстојните избори е нашата младина, а не оваа или онаа партија“, додаде турскиот претседател и рече дека Турција посебно значење ѝ придава на својата млада популација.
„Сништата, очекувањата, замислата, одлучноста и предлозите на нашата младина се за нас од витално значење“, изјави Ердоган.
Тој истакна дека е многу важно младите луѓе што повеќе да се занимаваат со технологија и наука.
„Нам не ни треба генерација З или генерација Ј, туку ТЕКНОФЕСТ-генерација“, изјави Ердоган.
ТЕКНОФЕСТ е најголем турски фестивал на авијација и технологија.
Турските гласачи во 2017 година одлучија да преминат од парламентарен систем на претседателски систем на управување. Веќе наредната година, актуелниот претседател Ердоган е повторно избран по новиот систем.
Во Турција во 2023 година ќе бидат одржани национални избори на кои граѓаните ќе изберат претседател, како и 600 членови на Парламентот.
Сите официјални претставници ќе бидат бирани на петгодишен мандат, а претседателот има овластување да распише предвремени избори, како што го направи тоа во 2018 година.