Esin Işık
07 Јуни 2017•Ажурирај: 07 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во обраќањето по ифтарот со амбасадорите во Анкара, во врска со кризата меѓу некои арапски земји и Катар истакна дека санкциите наметнати кон Катар не се исправни, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сакам да кажам дека сметаме оти санкциите наметнати кон Катар не се исправни. Овој случај, кој настана во време кога повеќе од кога било се потребни соработката и солидарноста, не е корисен за ниту една земја, особено не за земјите од нашиот регион“, рече Ердоган.
Тој исто така истакна дека Турција повикала на борба против ПЈД во Сирија, и потсети дека САД, сепак, прифатиле соработка со таа терористичка организација.
„Ги избркавме ДЕАШ од Џарабулус, од Рака, од Дабик, како и од Ал Баб. Иако ги повикавме заедно да ја водиме акцијата, рекоа дека тоа ќе го сторат со ПЈД и нивното вооружено крило ЈПГ, кое ние го сметаме за терористичка организација. Што ни преостанува нам тогаш? Нека ви е со среќа, но ако се случи и најмала повреда на нашата територија, ние ќе знаеме како и што ќе правиме“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека не е исправно да се поддржи терористичката организација, која, како што рече, понекогаш соработува со режимот, а некогаш со ДЕАШ.
Во обраќањето се осврна и на односите на Турција со ЕУ.
„Доколку бидат исполнети ветувањата што ни се дадени претходно, ние и понатаму сме на страната на европската перспектива“, изјави турскиот претседател.