ЊУЈОРК (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ја повика меѓународната заедница да го спречи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како што тоа го направи пред повеќе генерации со нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, јавува Анадолу.
„Ставот на Израел уште еднаш покажа дека е од суштинско значење меѓународната заедница да развие механизам за заштита на палестинските цивили“, рече Ердоган во своето обраќање на 79. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк.
„Како што Хитлер беше запрен од сојузот на човештвото пред 70 години, така и Нетанјаху и неговата мрежа на убивање мора да бидат запрени од сојузот на човештвото“, порача турскиот претседател.
Пред своето обраќање, тој изрази задоволство што го видел претставникот за Палестина во ОН, на местото што „го заслужува меѓу земјите членки, по долгата борба“.
Турскиот претседател додаде: „Посакувам овој историски чекор да биде последна фаза на патот кон членството на Палестина во Обединетите нации. Ги поканувам и другите држави, кои сѐ уште не го сториле тоа, да ја признаат државата Палестина што е можно поскоро и да го заземат своето место на вистинската страна од историјата во овој многу критичен период“.
Ердоган рече дека е лидер на земја која не е далеку од тензиите, туку е токму во „нивниот епицентар“.
„Дури и ако некои се чувствуваат непријатно, дури и ако некои повторно нè критикуваат, јас денес сакам отворено да кажам одредени вистини, во име на хуманоста, од заедничката говорница на човештвото“, рече тој.
Турскиот претседател ги критикуваше ОН, кои се борат да ја исполнат својата основачка мисија и „постепено се претвораат во нефункционална, неефикасна и инертна структура“.
„Сведоци сме дека меѓународниот мир и безбедност се премногу важни за да бидат препуштени на каприцот на привилегираните пет (земји)“, додаде тој.
Ердоган долго време се залага за реформи во ОН, често користејќи го слоганот „Светот е поголем од пет“, мислејќи на нерепрезентативното членство во Советот за безбедност.
- „Не само децата; во Газа умира и системот на ОН“ -
Осврнувајќи се на израелскиот напад врз Појасот Газа, Ердоган рече дека од минатиот октомври, кога Израел ја започна својата немилосрдна офанзива, убиени се над 41.000 Палестинци.
Повеќе од 17.000 деца беа цел на израелските куршуми и бомби, посочи Ердоган и додаде:
„Како резултат на нападите на Израел, Газа стана најголемата гробница на деца и жени во светот“.
Стотици деца од Газа досега починаа бидејќи не можеа да најдат залак сув леб, голтка вода или чинија супа, тие се уште умираат, рече Ердоган.
„Во Газа не умираат само деца, умира и системот на Обединетите нации, умира вистината, умираат вредностите кои западот тврди дека ги брани, надежите на човештвото да живее во поправеден свет умираат едно по едно. Овде отворено ги прашувам организациите за човекови права: Зарем тие во Газа и на Западниот Брег не се човечки суштества? Зарем децата во Палестина немаат право да учат, живеат и играат на улица? Ги прашувам меѓународните медиуми: Не се ли ваши колеги новинарите кои Израел ги уби во директен пренос и чии канцеларии беа претресувани? Го прашувам Советот за безбедност на ОН, што чекате за да го спречите геноцидот во Газа и да се стави крај на ова угнетување и варварство? Што чекате за да ја запрете мрежата на масакри што ги загрозува животите на сопствените граѓани, заедно со палестинскиот народ, и го вовлекува целиот регион во војна за свој политички просперитет? Ги прашувам и оние кои безусловно го поддржуваат Израел: До кога ќе го трпите срамот да го гледате и да учествувате во овој масакр?“, порача Ердоган.“
Истакнувајќи дека меѓународната заедница падна на испитите во Газа, Рамала, Либан, Ердоган рече дека случувањата во Палестина се показател за голем морален колапс.
„Овде би сакал јасно да наведам еден факт. Израелската администрација, не почитувајќи ги основните човекови права, врши етничко чистење и директен геноцид врз нацијата и народот и чекор по чекор ја окупира нивната територија. Палестинците, чија слобода, независност и најосновните права се узурпирани, со право ги користат своите легитимни права на отпор против оваа окупација и овие активности на етничко чистење. Оправданиот отпор на палестинскиот народ против оние кои ја окупираат нивната земја е премногу благороден, чесен и херојски за да се смета за нелегитимен. Од тука уште еднаш ги поздравувам моите браќа и сестри Палестинци кои по цена на својот живот ја бранат својата татковина.“
Единствената причина за израелската агресија врз палестинскиот народ е безусловната поддршка на Израел од неколку земји. Оние кои наводно се обидуваат да посредуваат за прекин на огнот во Газа сè уште испраќаат оружје и муниција во Израел за да може да ги продолжи своите масакри во позадина. Ова е недоследност и неискреност“, рече Ердоган.
Истакнувајќи ја неопходноста од воспоставување траен прекин на огнот, размена на заробеници и испраќање хуманитарна помош во Газа, Ердоган рече дека треба да се подаде рака за помош на палестинскиот народ пред доаѓањето на зимата, која дополнително ќе ги отежни нивните животи.
Нагласувајќи дека Туркије се противи на антисемитизмот исто како што се противи на нападите врз муслиманите, Ердоган рече дека Туркије е против политиката на масакр што ја спроведува израелската влада и не негува никаква омраза кон израелскиот народ.
Посочувајќи на кризите во Сирија и Ирак, Ердоган рече дека Туркије ќе продолжи да се залага за градење мир и стабилност и додаде дека за тоа е неопходна одлучна борба против тероризмот во регионот.
Потсетувајќи на војната во Украина, Ердоган рече дека сѐ уште нема градење на трајниот мир на хоризонтот и дека забрзаната трка во вооружување дополнително ги стеснува каналите на дипломатијата.
„Ние дополнително ќе ја зголемиме нашата поддршка за напорите за ставање крај на војната преку дипломатија и дијалог заснован на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, рече Ердоган.
Тој додаде дека Туркије ги поддржува и мировните преговори меѓу Азербејџан и Ерменија.
„Ние играме конструктивна улога за благосостојбата и мирот на Балканот, чиј составен дел сме, и дејствуваме во блиска соработка со сите актери во регионот. Ја нагласуваме важноста на суверенитетот, политичкото единство и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина на секоја платформа... Успешно ја продолжуваме командата на КФОР што ја презедовме минатата година и го поддржуваме процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина“, изјави турскиот претседател Ердоган.