Diyar Güldoğan
09 Август 2022•Ажурирај: 10 Август 2022
АНКАРА (АА) - Новиот турски брод за сондажно дупчење од седмата генерација „Абдулхамид Хан“ ќе спроведува операции за истражување на јаглеводороди во близината на брегот на Анталија во Средоземното Море, истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот брод денеска исплови од пристаништето Тасуџу, во градот Мерсин, и се упати кон бунарот „Јоруклер-1“ во Средоземното Море, каде во наредните денови ќе започне со истражувањата на јаглеводороди.
Во обраќањето на церемонијата по повод пуштањето на бродот, Ердоган рече дека „бродот „Абдулхамид Хан“ е симбол на новата визија на Туркије на полето на енергетиката.“
„Ќе го испратиме нашиот брод, Абдулхамид Хан, до бунарот Јоруклер-1, на 55 километри од Газипаша (во Анталија)“, рече Ердоган.
Тој истакна дека Туркије има ретка флота за сондажни дупчења во светот со нејзините бродови „Фатих“, „Кануни“, „Јавуз“ и „Абдулхамид Хан“.
Во однос на истражувањата на природен гас, Ердоган рече: „Сега, со четирите брода за дупчење и два брода за сеизмичко истражување, ние сме ангажирани и во оваа област.“
Тој додаде дека Туркије спроведува операции за истражување и дупчење во Средоземното Море во рамките на својата јурисдикција, порачувајќи: „Нашите операции за истражување и дупчење во Медитеранот се во наша надлежност. За тоа не ни е потребна ничија дозвола“
Ердоган се осврна и на истражувањата во Црното Море.
„Ние планираме да ги завршиме операциите во 10-те бунари потребни за прва фаза за гасот од Црното Море и да почнеме со ставање во употреба на природниот гас добиен оттаму за нашиот народ во 2023 година“, истакна турскиот претседател.
На свеченоста на пристаништето Ташуџу во Мерсин присуствуваа и потпретседателот Фуад Октај, министерот за енергетика и природни ресури Фатих Донмез, министерот за одбрана Хулуси Акар и бројни гости.
Бродот „Абдулхамид Хан“, со напредна технологија од седмата генерација, има максимална оперативна длабочина од 3.600 метри, висина на кулата од 104 метри и капацитет на екипаж од 200 луѓе.
Бродот за дупчење е еден од петте бродови од седмата генерација на глобално ниво, со максимална длабочина на дупчење од 12.200 метри.