Zehra Aydın,Merve Yıldızalp
25 Јануари 2017•Ажурирај: 26 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека веднаш по враќањето во Турција ќе го анализира и без одложување ќе го ратификува законот за уставни измени, што е усвоен во два круга на гласање во турскиот Парламент, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган за време на посетата на Мадагаскар се сретна со претседателот на земјата, Хери Раџаонаримампианинa, по што се одржа прес-конференција.
На прашањето како понатаму ќе се одвиваат процедурите во врска со пакетот уставни промени усвоени во Народното собрание на Турција, турскиот претседател истакна дека вечерва се враќа и оти веднаш ќе се направи анализа и ќе се донесе одлуката без многу одложување.
По донесувањето на одлуката, ќе започнат потребните процедури.
На прашањето дали со резултатите од мировните преговори во Астана, решението на кризата во Сирија е близу, Ердоган потсети дека страните кои присуствуваа на разговорите појаснија дека не постои воено решение на кризата во Сирија.
Тој посочи дека страните донеле одлука да се вложат дополнителни напори, така што кршењето на прекинот на огнот ќе биде сведено на минимум, ќе се зголеми довербата, ќе се заштитат цивилите во Сирија и ќе се овозможи слободно движење, но исто така ќе се овозможи и препознавање и разликување на терористичките организации ДЕАШ и Ал Нусра од вооружените опозициски групи.
- Добрите односи со Русија -
Ердоган потсети дека обемот на трговијата меѓу Русија и Турција достигнувала и до 38 милијарди долари и дека тоа е значаен износ. Тој додаде дека обемот на трговската размена со Русија е опаднат, но изрази уверување дека повторно ќе се зголеми.
Турскиот претседател истакна дека односите со Русија се добри кога станува збор за туризмот, и дека земјата се наоѓа на второто место, веднаш зад Германија. Тој посочи дека историските односи меѓу Турција и Русија се донесени на повисоко ниво и дека како земји од регионот имаат направено напредок кон решение за Сирија.
Според него, повикот за присуство во Астана бил испратен и во САД, чиј амбасадор внимателно ја следел ситуацијата.
- „Сакаме мир во Сирија“ -
„Се додека не сме под закана од северниот дел на Сирија, нашиот став е различен, но кога сме под закана, тоj се менува“, рече Ердоган.
Тој истакна дека терористичката организација ПЈД/ЈПГ во северна Сирија претставува закана за градовите во јужниот дел на Турција.
„Уште од почетокот на Обама, додека беше на должност, јасно му реков: ,Ајде да го прогласиме подрачјето ослободено од тероризмот, за безбедна зона'. Во таа зона да бидат бегалците, да го спречиме мигрантскиот бран. Имаме три милиони бегалци, да ги сместиме таму“, рече Ердоган.
Според него, за да се дојде до формирање на безбедносна зона неопходно е да се прогласи областа за забранети летови.
Тој рече дека не знае какви чекори ќе преземат коалициските сили со новата американска администрација, но дека сака во Ал-Баб, Мунбич и во Рака да се преземат нови чекори и дека со решителен став против ПЈД и ЈПГ ќе се воспостави мир во Сирија.
- ФЕТО делува во 170 точки во светот -
Турскиот претседател Ердоган истакна дека со претседателот Раџаонаримампианинa зборувал за државниот удар кој воените лица лојални на терористичката организација ФЕТО се обидоа да го извршат на 15 јули 2016 година.
„На драгиот пријател му ги дадов информациите и документите за структурите во многу африкански земји, под маската на услужното делување и образование. Ги појаснив и нашите очекувања кога станува збор за борбата против таа терористичка организација“, објасни Ердоган.
Тој потсети дека и тој како и премиерот на Турција, бил цел на разни напади и дека пучистите со тенкови, хеликоптери и авиони сееја смрт во ноќта при обидот за пуч. Тој уште еднаш повтори дека во обидот за државен удар загинаа 248 цивили, а 2.193 државјани на Турција беа повредени.
„Тие (ФЕТО) сега во 170 точки во светот продолжуваат со своите активности“, рече Ердоган, кој додаде дека турските власти постојано ги предупредуваат пријателските земји за опасноста од ФЕТО.