Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
18 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Турција нема да се согласи на какво било проширување кое би можело да го направи Северноатлантскиот сојуз (НАТО) помалку безбеден или да наштети на нејзината безбедност, рече денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изразувајќи загриженост поради настојувањето на Финска и Шведска да се приклучат на Воената алијанса во екот на украинската војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Очекуваме сојузниците да ја сфатат нашата чувствителност [за прашањата за борбата против тероризмот], да покажат почитување и да пружат поддршка ако е тоа можно“, рече Ердоган на состанокот на парламентарната група на Партијата за правда и развој (АК) во Големото народно собрание на Република Турција во Анкара.
Додаде дека Турција е една од водечките земји кои активно ги поддржуваат активностите на НАТО, но тоа не значи дека „без сомневање ќе се согласиме на секој предлог“.
Додаде дека проширувањето на НАТО може да успее доколку се почитува чувствителноста на Турција.
„НАТО е безбедносен сојуз и Турција нема да се согласи да го направи несигурен. Проширувањето на НАТО има смисла за Турција сѐ додека се почитува нашата чувствителност“, изјави турскиот претседател Ердоган.
Ердоган ја нагласи потребата Турција да ги заштити своите граници од терористичките групи.
„Недоследно е“, како што рече, „Шведска и Финска да настојуваат да се приклучат на воениот сојуз кога пружаат поддршка на терористите на ПКК/ЈПГ.“
„Шведска одби да направи екстрадиција на терористите на барање на Турција, но се осмелува да побара членство во НАТО“, рече Ердоган.
Во сегашното настојување на Финска и Шведска да пристапат кон НАТО, до израз доаѓаат приговорите на Турција кон овие држави затоа што не зазеле јасен став против терористичките организации.
За која било нова членка на НАТО да му се приклучи на сојузот, потребна е едногласна согласност на сите членки на Алијансата, вклучително Турција.
Во последните пет години ниту Шведска ниту Финска не ги исполниле барањата за екстрадиција на десетина терористи.
Минатиот петок турскиот претседател рече дека одредени скандинавски земји ефективно дејствуваат како пансиони за терористичките групи.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, исто така изрази резервираност во поглед на приклучувањето на Финска и Шведска кон НАТО, наведувајќи ја нивната поддршка кон терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која е на листата на терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на над 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и доенчиња.