Faruk Zorlu,Dilan Pamuk
30 Март 2021•Ажурирај: 30 Март 2021
АНКАРА (АА) - Турција ќе продолжи со делумните ограничувања со цел спречување на понатамошното ширење на коронавирусот, а поради растечкиот број случаи и смртни случаи, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Полицискиот час од 21 часот до пет часот изутрина ќе биде продолжен“, изјави Ердоган по состанокот на Кабинетот во Претседателскиот комплекс, што траеше повеќе од три часа.
Како дел од мерките, ќе биде ограничена и работата на рестораните и кафулињата кои ќе можат да работат со максимум 50 отсто од капацитетот.
„Градовите кои се соочуваат со многу висок ризик од коронавирус ќе имаат полициски час за време на викендот“, додаде турскиот претседател.
Тој нагласи дека од вкупно 81 област во Турција, 58 или 80 отсто од популацијата се класификувани како многу ризични за коронавирусот.
Коментирајќи го успешниот процес на имунизација, Ердоган укажа на падот од бројот на случаите на заразување со коронавирусот и смртните исходи кај постарите луѓе, откако се администрирани повеќе од десет милиони дози вакцина.
Повеќе од 8,5 милиони лица ја примија првата доза, додека повеќе од 6,6 милиони се ревакцинирани.
Категоризацијата на областите кои се во низок, среден, висок или многу висок ризик е заснована на стапката на инфекција и вакцинација против коронавирусот, а вакцинацијата во Турција започна на 14 јануари.
Мапата на ризик во 81 област на Турција ќе биде преуредувана секоја недела во согласност со ситуацијата на ризик, а практиката за нормализација ќе биде ажурирана на секои две недели.
„Во текот на Рамазан, собирањата за суфур и ифтар, кои се одржуваат пред и по постот, се забранети во земјата“, изјави турскиот претседател.
Покрај тоа, како што наведе Ердоган, карантинот за време на викендот ќе биде воспоставен низ Турција за време на муслиманскиот Свет месец.
За време на Рамазан, низ Турција, рестораните, кафулињата и сличните објекти ќе бидат отворени само за опцијата за носење.
Рамазан започнува на 13 април и ќе трае до 13 мај.
Зборувајќи за политиката на инвестиции, Ердоган изјави дека Турција ќе стане атрактивна држава за инвеститорите.
„Додека повеќе од 100.000 нови компании се отворени во земјата минатата година, бројот на компаниите кои се затворени беше под 16.000. Значаен дел од новоотворените компании исто така има странски капитал. Повеќе од 11.000 од 75.700 компании основани во Турција во текот на изминатите десет години со странски капитал, започнаа со работа минатата година“, изјави Ердоган.
До денес, во Турција се регистрирани вкупно 31.230 смртни случаи, додека речиси три милиони лица оздравеа од коронавирусот. Забележани се вкупно повеќе од 3,24 милиони случаи на заразување со коронавирусот.
Од декември 2019 година, пандемијата однесе повеќе од 2,78 милиони животи во 192 земји и региони.
Повеќе од 127,39 милиони случаи на заразување се забележани во светот, оздравени се повеќе од 72,25 милиони, покажаа податоците на американскиот Универзитет „Џон Хопкинс“.