Recep Şakar
27 Јули 2020•Ажурирај: 28 Јули 2020
МЕЛБУРН (АА) - Во изминатите 24 часа во Австралија се регистрирани 549 случаи на коронавирусот, што е најголем дневен број на заразени лица во земјата од избувнувањето на пандемијата, јавува Агенција Анадолија (AA).
Од тој број, 532 случаи се регистрирани во сојузната држава Викторија, додека 17 во Нов Јужен Велс.
Претходниот најголем дневен број на случаи на Ковид-19 во Австралија е забележан минатата недела, кога вирусот е регистриран кај 502 лица.
Во Австралија досега евидентирани се 14.935 случаи на вирусот, од кои 161 со смртен исход и 9.170 оздравени пациенти.
Премиерот на сојузната држава Викторија, Даниел Ендрјус, во обраќањето пред новинарите рече дека во таа држава последните недели е забележан значителн раст на случаите на Ковид-19.
Предупреди дека во наредните денови би можело да дојде до уште поголем раст на бројот на починати од вирусот доколку граѓаните не ги почитуваат мерките и препораките на надлежните, и ги повика сограѓаните да останат во своите домови.
Во сојузната држава Викторија забрането е излегување надвор, освен од оправдани причини, при што граѓаните мора да носат заштитни маски.
Министерството за здравство на Нов Зеланд соопшти дека во таа земја не е регистриран ниту еден нов случај на коронавирусот, и дека моментално во земјата има 21 активен случај.
Сите активни случаи се наоѓаат во карантин во хотели, додека во болниците нема пациенти заболени од Ковид-19.
Властите на Нов Зеланд, каде како последица на Ковид-19 досега починаа 22 лица, со строги и навремени мерки успеаја да го спречат ширењето на вирусот.