АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ќе се преземат сите потребни напори Турција да го заземе своето место во новиот политички и економски поредок во светот, јавува AАгенција Анадолија (АА).
„Одлучни сме Турција да ја донесеме до позицијата што ја заслужува во новиот глобален политички и економски поредок кој е додатно забрзан од глобалната пандемија“, рече Ердоган во обраќањето до јавноста по состанокот на Владата во претседателскиот комплекс, додавајќи дека се сака да се изгради силна Турција.
„Одлучни сме на нашата младина во наследство да ѝ оставиме голема и моќна Турција во која можат да ја развиваат својата визија. Во тој контекст, во претходниот период на нашиот народ му претставивме нова програма на реформи“, истакна турскиот претседател.
Нагласи дека во текот на изминатите 18 години на власт се вложени потребните напори за Турција да стане една од најнапредните земји во светот на полето на демократијата и економијата, напоменувајќи дека постепено е изградена потребната инфраструктура за постигнување на таквите цели.
„Секако, важно е сè што е направено досега, но Турција има потенцијал и сила за многу повеќе од тоа“, рече тој.
Ердоган, исто така, напомена дека досега во Турција се употребени 11,5 милиони дози од вакцината против Ковид-19, од кои 7,94 милиони се однесуваат на првата и 3,57 милиони на втората доза.
„Турција ќе продолжи да набавува вакцини од странство сè додека домашната вакцина против Ковид-19 не биде готова за употреба“, рече тој.
Турскиот претседател истакна дека Турција ефикасно се бори против пандемијата на коронавирусот.
„Не се соочивме со проблемите што постоеја во некои земји, како што се нарушувањата во синџирот на снабдување и безбедносните слабости“, рече Ердоган.
Порача дека Турција може да воведе нови ограничувања со цел сузбивање на ширењето на пандемијата на коронавирусот доколку граѓаните не се придржуваат до предвидените правила.
„Одлучивме да продолжиме со примената на моменталните мерки во нашите градови и внимателно да го следиме развојот на случувањата“, рече Ердоган.
Турција во јануари започна масовна кампања за вакцинација против Ковид-19, а со постепеното ублажување на мерките кон нормализација на состојбата започна на 1 март.