Hatice Şenses Kurukız,Berk Özkan
27 Февруари 2021•Ажурирај: 28 Февруари 2021
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција и покрај предизвиците поради пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) и понатаму без престанување продолжува со изградба на важните инфраструктурни проекти, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Додека планираме и ги реализираме нашите инвестиции, секогаш предвид го имаме нашиот народ. Размислувајќи што им треба на нашиот народ и на државата, имплементиравме многу проекти“, рече Ердоган во обраќањето преку видеоконференција на церемонијата за отворање на тунелот Кизилџахамам - Черкес.
Истакна дека преку патиштата што ги изградиле во претходните години не поминуваат само луѓе и стоки, туку тоа е прашање на иднината.
„Зголемената употреба на превозните средства, од нашите аеродроми до брзите возови, секако е резултат на ширењето на нашата патна мрежа. Благодарејќи на патните мрежи, кои меѓусебно се надополнуваат, во иднината гледаме со многу повеќе самодоверба, во смисла на развој и на економската инфраструктура“, рече Ердоган.
Напомена дека олеснетиот транспорт на луѓе и стоки дополнително придонесува кон севкупниот напредок, развој и раст на секој дел на Турција.
„Во последните 18 години се ангажиравме на сите патни мрежи, од копно, воздух, па до железници и мориња. Ја зголемивме должината на нашите поделени патишта на 28 илјади километри, овозможувајќи полесен превоз од крајниот запад на исток до крајниот север на југ. Нашите историски и природни убавини денес станаа дестинации преплавени со стотици илјади и милиони посетители“, рече турскиот претседател.
Ердоган нагласи дека благодарејќи на развиената инфраструктура Турција е на пат да стане еден од најважните производни и трговски центри во светот во текот на процесот за преобликување на глобалниот, политичкиот и економскиот поредок.
„Во минатото индустријата и трговијата беа сконцентрирани само во одредени региони и градови од нашата земја. Денес дојдовме до тоа ниво да 81 наш град можат да ги користат можностите што им се нудат, вклучувајќи ја леснотијата на транспортот и предноста на суровините и работната сила“, рече Ердоган.
Тој истакна дека турските власти ќе ги постигнат сите цели поставени до 2023 година и дека земјата ќе ја направат една од 10-те најголеми економии во светот и ќе го подигнат стандардот на земјата на ниво што таа го заслужува, напоменувајќи дека поради тоа забрзано продолжуваат без прекин да вложуваат во транспортот и бројните други области.
„Инфраструктурата е важен елемент на развојот, од транспортот до енергетиката. Но исто така важно е оваа инфраструктура да се користи така што ќе придонесе за понатамошно производство, вработување и раст“, рече Ердоган.