Ekip
11 Ноември 2020•Ажурирај: 12 Ноември 2020
АНКАРА
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, рече дека упатува честитки до сите азербејџански браќа, особено до неговиот пријател Илхам Алијев по повод ослободувањето на окупираните територии и на цел Карабах, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган имаше свое обраќање на состанокот на парламентарната група на Партијата за правда и развој (АК Партија) во Големото народно собрание на Турција (ТБММ).
Турскиот претседател во своето обраќање се осврна на случувањата помеѓу Азербејџан и Ерменија.
„Упатувам честитки до сите азербејџански браќа, особено до мојот пријател Илхам Алијев по повод ослободувањето на окупираните територии и на целиот Карабах“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Турција, заедно со Русија, ќе бидат дел од заедничката мировна сила што ќе се формира во регионот, со цел набљудување и контролирање на спроведувањето на договорот.
„(Договорот помеѓу Азербејџан и Ерменија) Турција, заедно со Русија, ќе бидат дел од заедничката мировна сила што ќе се формира во регионот, со цел набљудување и контролирање на спроведувањето на договорот. Изутрина е потпишан меморандумот за разбирање во врска со Заедничкиот турско-руски центар, што ќе го формираме за набљудување и контролирање на примирјето“, нагласи тој.
Според него, Заедничкиот турско-руски центар ќе биде изграден на териториите на Азербејџан кои се ослободени од окупација, а, како што рече тој, сите мерки во врска со спречувањето на прекршувањето на примирјето во Нагорно Карабах ќе бидат преземени од страна на овој центар.
„На овој начин официјално и де факто завршува 28-годишната окупација на териториите на Азербејџан и на Карабах“, додаде тој.
Ердоган нагласи дека верува оти како што во Карабах за кратко време беше воспоставен праведен мир, така и во Сирија може да се направи сличен чекор преку искрена соработка.
„Отсега понатаму со Азербејџан ќе бидеме во многу поблиска и многу поцврста соработка, и заедно ќе ја градиме нашата заедничка иднина“, рече Ердоган, истакнувајќи дека од срце посакува мирот и спокојството во Сирија да започнат во скоро време како во Карабах.
„Потребно е до крај да се отворат каналите на дипломатија и усогласување со цел елиминирање на неизвесноста што се појави во нашиот регион по изборите во Америка. Со ова разбирање, ќе продолжиме да го зајакнуваме нашето присуство на терен и ќе продолжиме ефективно да ги спроведуваме дипломатските канали“, истакна турскиот претседател.
Според него, со мерките што ги презеле и со методите за борба што ги развиле, успеале да ја задржат економијата на цврсти нозе и да не се оддалечат од нивните цели.
Ердоган рече дека во ова многу голем придонес имаат можностите за донесување брза одлука и за ефективно спроведување, овозможени од страна на претседателскиот систем на владеење.