АНКАРА
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, рече дека неговата земја ќе продолжи да придонесува за мирот, стабилноста и развојот на Балканот, известува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган по завршувањето на посетите на Босна и Херцеговина и на Црна Гора во авионот за време на летот кон Турција разговараше со претставниците на медиумите.
Ердоган потсети дека во Сараево се состанал со членовите на Претседателството на БиХ, при што разговарале за билатералните, регионалните и глобалните прашања, како и за чекорите што можат да бидат преземани со цел унапредување на соработката.
Според неговите зборови, имале можност да разговараат и за фазните проекти, меѓу кои е и автопатот Сараево - Белград.
„Имавме можност да размениме мислење за новите полиња на соработка што можеме да ги реализираме со цел поддршка на интересите на нашата земја и развојот на БиХ. Ревидираниот Договор за слободна трговија и неговото стапување во сила на 1 август 2021 година ќе придонесе за нашата трговија и инвестиции во Босна и Херцеговина“, смета Ердоган.
За односите меѓу двете земји и соработката, Ердоган разговараше и со претседателот Жељко Комшиќ и членовите на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додик.
Ердоган се осврна и на посетата на Црна Гора, во текот на која се состана со претседателот Мило Ѓукановиќ, премиерот Здравко Кривокапиќ и претседателот на Собранието, Алекса Бечиќ, со кои разговарал за билатералните односи и соработка.
„Разговаравме за чекорите што можеме да ги преземеме со цел унапредување на односите со пријателска и сојузничка Црна Гора. Драго ми е што за време на посетата на Црна Гора, со која во секој поглед негуваме пријателски односи, имав можност да видам дека со пријателите од Црна Гора делиме ист став. Од друга страна, нè радува тоа што од црногорската страна постои силна волја за зголемување на турските инвестиции“, изјави Ердоган.
На претседателот на Турција му беше драго што во текот на посетата имал можност да разговара и со претставниците на верските заедници во Црна Гора и истакна дека исто така е многу важно и зачувувањето на соживотот и мултикултурноста.
„Посетите на БиХ и на Црна Гора и програмите што ги имавме се последните алки на политиката што ја водиме кон јакнење на мултилатералните и сеопфатни односи кон Балканот. Со членовите на Претседателството на БиХ се состанавме третпат оваа година. Овие блиски средби ги сметам за исклучително важни и од аспект на континуитет и следење. Нашето внимание кон Балканот ќе продолжи и во иднина. Поради тоа внимателно ги следиме случувањата и ѝ помагаме на БиХ на политичко, економско, воено, регионално и на други полиња. Се надеваме дека внатрешнополитичките проблеми во БиХ ќе бидат решени во рамките на територијалниот интегритет и политичкото единство“, нагласи Ердоган.
Претседателот на Турција најави продолжение на контактите со сите страни во БиХ.
„Планираме обемот на трговијата со БиХ да го издигнеме на милијарда евра. Поради тоа преземаме дополнителни чекори. Големо внимание му придаваме на завршувањето на автопатот Сараево - Белград. Овој автопат ќе биде проект на мирот на Балканот и ќе придонесе за развојот, мирот и стабилноста на целиот регион. И мостот на реката Сава ќе биде завршен кон крајот на 2022 година. Со лидерите заедно ги поставивме темелите. Ги сметаме за проекти што ќе придонесат за економскиот развој на БиХ“, рече Ердоган.
Тој потсети дека веднаш по пристигнувањето во Сараево го посетил гробот на првиот претседател на РБиХ, Алија Изетбеговиќ, во Меморијалниот центар „Ковачи“ и додаде дека во таа прилика се помолил за жртвите што настрадаа во текот на војната во БиХ.
„Сите наши напори, желби и молитви се да не се повтори таквото страдање. Поради тоа ќе ја продолжиме мултилатералната политика од Балканот до Африка, од Кавказот до Централна Азија“, рече Ердоган.
Ердоган го изрази задоволството и од својата прва посета на Црна Гора.
„Со претседателот Ѓукановиќ се состанав претходно во Анталија. Во текот на мојата посета имавме можност да разговараме за билатералните односи, регионалните прашања и чекорите што можеме заедно да ги преземеме во тој поглед. Дадовме поддршка за членството на Црна Гора во НАТО и гледаме позитивни резултати од тоа. Покрај тоа, разговаравме за мапата на патот за остварување на трговската цел со Црна Гора од 250 милиони евра“, наведе Ердоган.
Тој потсети дека во Турција живеат околу 150.000 до 200.000 лица со потекло од Црна Гора, што е причина за силните врски меѓу двете земји.
„Ние ќе го заштитиме нашето историско наследство на Балканот и во врска на актуелните случувања, ќе продолжиме да придонесуваме за мирот, стабилноста и развојот на регионот“, рече Ердоган.
По своето обраќање, претседателот на Турција одговараше на прашањата на медиумите, од кои едно се однесуваше на случувањата во Авганистан.
Ердоган потсети дека во Авганистан сè уште не е формирана влада и затоа не е јасно што ќе следува.
„Изјавите на талибанците се умерени, но дали се поклопуваат сегашните изјави со оние од пред 20 години? Кога ќе погледнете на тоа, сигурно дека постојат одредени сомневања. Со големо внимание треба да ги следиме процесите. Во моментот кога никој не се надеваше, животот го загубија речиси 200 луѓе. Меѓу загинатите има и талибанци. Информациите на разузнавачката служба укажуваат на ДЕАШ. Мораме со внимание да го следиме процесот. Сигурно дека ќе видиме каков е ставот на талибанците кога во прашање се државата и управувањето со неа“, истакна Ердоган.
Тој потсети дека Турција му давала значителна поддршка на Авганистан во изминатите 20 години, вклучувајќи и изградба на инфраструктурата.
„Но, како пример, талибанците нанесоа сериозна штета во северниот дел на Авганистан“, рече Ердоган.
Тој додаде дека постојат луѓе кои под закана морале да го напуштат Авганистан и дека не се знае што носи утрешниот ден.
„Република Турција има одредени искуства, структура и сакаме да помогнеме. Но за да можеме да помогнеме, потребно е вратата да биде отворена. Поради тоа нашата разузнавачка служба разговара со талибанците“, појасни Ердоган.
Тој смета дека е потребно Авганистан бргу да биде среден.
„Авганистанскиот народ повеќе не може да го носи товарот. Популацијата е околу 40 милиони. Огромна земја. Ние сме подготвени да дадеме секаков вид поддршка за заедништвото и единството на Авганистан. Доволно е и од авганистанската страна да ја видиме таа подготвеност“, откри Ердоган.
Запрашан за работата на Амбасадата на Турција во Кабул, Ердоган рече дека Амбасадата две недели привремено работела на аеродромот во Кабул.
„Пред два дена повторно се вратија во зградата на амбасадата во центарот на градот и оттаму ги продолжуваат активностите. Во моментов имаме план така да го продолжиме дипломатското присуство. Постојано ги ревидираме плановите во согласност со безбедносната ситуација. Имаме подготвени алтернативни планови за сите опции. Приоритет е безбедноста на нашиот персонал“, порача Ердоган.
Претставниците на медиумите го запрашаа турскиот претседател за мислење кога во прашање се правата на жените во Авганистан.
„Кога зборуваме за Авганистанките, ние преземаме чекори жените во Авганистан да имаат еднакви права како и жените во нашата земја“, рече Ердоган.
Сепак, потсети дека условите во Авганистан не се еднакви со условите во Турција.
„Во моментов постои одреден процес и треба да се пушти да оди по својот тек, за да се воспостави здрава средина. Повремено имаше и парламентарки кои доаѓаа од Парламентот на Авганистан. Би разговарал со нив. Нормално дека сега ставот на талибанците нема да биде истиот како оној од пред 20 години. Сигурно дека и тие ќе имаат одредени измени“, смета Ердоган.
Ердоган додаде дека Турција е подготвена да даде поддршка доколку Авганистан покаже реформистички став и подготвеност за тоа.
news_share_descriptionsubscription_contact
