АНКАРА (АА) - Централните градски плоштади ширум Турција веќе 27-ми ден се полни со стотици илјади граѓани кои, во петокот 15. јули, излегоа и го запреа обидот за државен удар во земјата, а веќе во саботата продолжија со собирите под мотото „Стража за демократија”.
Жителите од голем број турски градови со синоќешното собирање на плоштадите и улиците ја завршија „Стражата за демократија”.
Турскиот народ излезе на улиците и плоштадите на градовите на повик на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да се спротивстават на обидот за државен удар, кој на 15. јули го изведоа припадници на турската армија лојални на насилниот терористички култ ФЕТО.
Стари, млади, левичари и десничари, мажи и жени во Турција, во текот на минатата ноќ излегоа на улиците, обединети околу идејата за одбрана на уставниот поредок и неутрализирање на терористичките елементи во земјата.
- Плоштадот на Републиката во Анталија преполн -
На синоќешната стража на Плоштадот на Републиката во Анталија се собраа голем број жители на овој град, а на собирот присуствуваше и гувернерот на Анталија, Мунир Караоглу.
Во своето обраќање пред насобраните граѓани Караоглу порача дека за време на „Стражата за демократија” се покажа што е тоа единство, братство и заедништво.
„Кога станува збор за татковината, за нас не е важно кој е левичар, кој е десничар, кој е фудбалер или пак нешто друго. Ние сме обединети под нашето знаме”, рече Караоглу.
- Заедничкиот сехур го означи крајот на „Стражата за демократија” во Адана -
Голем број луѓе се собраа и на централниот плоштад во Адана.
Граѓаните, кои во текот на изминатиот месец на овој плоштад беа во голем број, „Стражата за демократија” решија да ја завршат со пост. По тој повод, по собирот на плоштадот беше организиран заеднички сехур.
На плоштадот, исто така, организирана беше молитва и беа читани стихови од Куранот.
Последната „Стража за демократија” се одржа, исто така, и во голем број населби во Истанбул.
Илјадници луѓе се собраа на централниот плоштад Таксим во центарот на Истанбул. Тие ја одржаа последната стража со интонирање на турската национална химна. На собирот можеа да се видат транспаренти и да се слушнат слогани за поддршка на турските власти и претседателот Реџеп Таип Ердоган, како и осуди за обидот за државен удар.
На плоштадот се најде и градоначалникот на истанбулската општина Бејоглу, Ахмет Mисбах Демирџан, кој им се заблагодари на сите граѓани поради учеството на стражите. На плоштадот Таксим беше и поранешниот турски министер за европски интеграции Егемен Багиш.
Освен на плоштадот Таксим, граѓаните се собраа и во истанбулските населби Касикли, Силиври и Бејкоз. Сите тие го осудија државниот удар во Турција од страна на насилниот терористички култ ФЕТО, предводен од Фетула Ѓулен.
На стражите преку видео-линк на големи екрани е следен собирот пред Претседателската палата во Анкара, каде што, исто така присуствуваа десетици илјади турски граѓани. Тука беа присутни и премиерот на Турција, Бинали Јилдирим и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Покрај овие градови, граѓаните синоќа последни стражи за демократија одржаа и во Измир, Коња, Ајдин, Маниса, Денизли, Шанлиурфа, Трабзон, Орду, Гиресун, Ризе, Артвин Гумухшани, Адијаман, Газиантеп, Ван, Малатја, Килис, Караман, но и во други градови и помали места.
Инаку, собирите за поддршка на демократијата ширум Турција поминаа со зголемени безбедносни мерки, а граѓаните порачаа дека ќе останат на плоштадите сè додека турскиот претседател и врховен командант на вооружените сили, Ердоган, не им каже дека може да си одат во своите домови.
news_share_descriptionsubscription_contact
