Hatice Özdemir Tosun,Ayşe Yıldız,Levent Kişi
30 Септември 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
АНТАЛИЈА (АА) - Синоќа започна Филмскиот форум Анталија како дел од активностите на 55. Меѓународен филмски фестивал во Анталија. Отворањето на форумот беше проследено со церемонија и доделување почесни признанија, јавува Anadolu Agency (AA).
Церемонијата се одржа во салата „Џам пирамит“, а градоначалникот на Анталија и директор на Фестивалот, Мендерес Турел, изјави дека Филмскиот форум Анталија се одржува по петти пат и во себе носи посебен печат на духот и идентитетот на Анталија.
„Виртуелниот свет го замаглува умот на луѓето. Умереноста и кинематографијата пак, претставуваат важен инструмент за отстранување на таа магла. Луѓето се главна тема на овогодишиот фестивал и цел ни е да ги рушиме ѕидовите меѓу нас“, порача Турел.
Истакнувајќи дека планот на Анталија е да стане еден од важните центри на филмската индустрија, Турел изјави дека глобализацијата е неминовност во светот на уметноста и дека турската кинематорафија сè уште не ги раскажала приказните за своето културно-историско наследство.
Уметничкиот директор на Фестивалот, Мајк Дауни, истакна дека во Анталија се собрале угледни имиња и наградувани режисери и уметници, и додаде дека тоа е вистински празник за филмот во Анталија, која е турскиот скапоцен камен.
„Речиси 50 отсто од нашите филмови веќе се кандидирани за Оскар. Чест ни е што Фестивалот е од регионален карактер. Повеќе од 5 отсто од филмовите се регионални и тоа од Либан, Франција, Шпанија, Иран, Русија, Италија, Северна Америка и други региони“, изјави Дауни.
Филмскиот форум е важен сегмент на Филмскиот фестивал во Анталија, а директорката Зејнеп Атакан изјави дека петтиот Форум привлекол рекорден интерес и дека ќе бидат претставени 50 проекти од светот на филмската индустрија.
Наградата за животно дело ја доби режисерот Ферзан Озпетек, а Почесната награда на Фестивалот во Анталија ја доби францускиот актер Венсан Касел. Почесни награди се доделени и на унгарскиот режисер Бела Тар и на домашниот режисер Омер Варга.
Фестивалот во Анталија ќе трае до 5 октомври, а меѓу бројните светски ѕвезди на црвениот тепих ќе прошета и холивудскиот „негативец“ Ерик Робертс.