НЕВШЕХИР (АА)
- Бехчет АЛКАН
Со контролираниот процес на нормализација на состојбата со епидемијата на новиот тип коронавирус, се забележува зголемена раздвиженост на домашни и странски туристи во Кападокија, еден од најомилените туристички центри во Турција.
Кападокија, која во 1985 година е вклучена на Листата на светско културно наследство на УНЕСКО, секоја година е домаќин на голем број домашни и странски туристи. Овој туристички локалитет, познат по своите „оџаци“ и туристички тури со балон, е омилено место на оние кои сакаат својот одмор да го поминат меѓу културните, историските и природните убавини што ги нуди Кападокија.
Овој регион кој во периодот од март 2020 година, кога започна борбата со епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) до 1 јануари 2021 година, го посетија 727.354 туристи, оваа година во периодот јануари - април беше посетен од 271.999 туристи, при што се забележува зголемена раздвиженост благодарение на контролираниот процес на нормализација на состојбата со коронавирусот.

Мустафа Дурмаз, претседател на Кооперативата за развој на туризмот во Ѓореме, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека стапката на зафатеност во сместувачките капацитети во регионот достигна 30 % и дека очекуваат зголемување на побарувачката во наредниот период.
Дурмаз, изјавувајќи дека очекуваат Кападокија, која во 2019 година ја посетија речиси 4 милиони домашни и странски туристи, да ги врати изминатите успешни денови во наредните години, продолжи со зборовите:
„Заклучно со месец јуни има релативно зголемување во споредба со минатата година. Очекуваме бројот на туристи што ќе дојдат оваа година да се зголеми за 50 % во споредба со 2020 година. Сметаме дека бројката на наши гости ќе се зголеми со зголемувањето на стапката на вакцинација во наредните месеци. Веруваме дека Кападокија многу бргу ќе закрепне на полето на туризмот.“
Талип Алдемир, претседател на Регионалниот репрезентативен одбор на Кападокија при Здружението на турски туристички агенции (TÜRSAB), истакна дека со стартот на процесот на контролирана нормализација, започнала зголемена туристичка активност, што ги зголемило резервациите од страна на домашните и странските туристи.

Наведувајќи дека би биле среќни да им бидат домаќини на гостите кои ќе го поминат својот одмор во Кападокија, туристички центар за кој не постои алтернатива, Алдемир рече дека регионот, кој е мирен повеќе од една година, се враќа кон старите денови, и додаде:
„Регионот Кападокија на посетителите им нуди неспоредлив пејзаж, единствен во светот. Можеме да го видиме морето или историските споменици на многу места, но природните карпести формации како овдешните не можете да најдете на ниту едно друго место во светот. Ние секогаш во туризмот стартуваме со предност од 1:0. Убавините на Кападокија можете да ги гледате од небо, летајќи со балон на топол воздух. Има активности со балони на многу места низ светот, но визуелните убавини и пејзажот што ги нуди Кападокија е единствен. По долините се организираат и сафари тури со теренски возила. Има многу активности што не можам да ги избројам, како што се прошетки по долините, кои му даваат поинакво богатство на регионот.“
Исмаил Суџу, кој води агенција и е хотелски оператор во регионот, изјавувајќи дека Кападокија е најпогодно место за индивидуални и мали групни програми за патување, истакна дека благодарение на безбедноста што ја нуди, регионот е најпосакуваното подрачје во време на борбата со Ковид-19.
news_share_descriptionsubscription_contact
