Muhammed Ali Gürtaş
04 Мај 2019•Ажурирај: 06 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот извоз во периодот јануари - април оваа година изнесуваше 59,8 милијарди долари, соопшти турското Министерство за трговија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Податоците покажуваат дека според општиот трговски систем, кој е еден од двата методи за пресметка на статистиката на надворешната трговија, извозот забележал пораст за 3,77 отсто на годишно ниво.
Увозот на земјата во истиот период изнесува 68,6 милијарди долари, што претставува годишен пад од 19,82 отсто.
Министерството соопшти дека четиримесечниот сооднос на износот на извозот и увозот изнесува 87,2 отсто.
Во април, извозот на Турција се зголемил на речиси 15,3 милијарди долари, односно, за 5,38 отсто во однос на истиот период минатата година. Увозот, од друга страна, изнесувал 18,1 милијарда долари, што претставува годишен пад од 14,62 отсто.
Прелиминарните бројки покажуваат дека балансот во надворешната трговија на земјата покажа дефицит од 2,8 милијарди американски долари минатиот месец, што претставува подобрување од пред една година, кога дефицитот изнесуваше 6,7 милијарди долари.
При пресметката на статистиката на надворешната трговија, се користат два различни методи - специјалниот трговски систем и општиот трговски систем.
Пресметките базирани на специјалниот трговски систем не ги вклучуваат слободните зони и царинските складишта.
Општиот трговски систем е поширок концепт кој ги вклучува и царинските складишта, сите видови слободни зони и друго.