Andaç Hongur Erpehlivan,Elif Küçük
23 Октомври 2021•Ажурирај: 24 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ
Во Истанбул денес е одржан првиот состанок на Заедничката медиумска платформа на Турција и Азербејџан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Состанокот е одржан во рамките на Медиумскиот форум на Турскиот совет со тема „Укоричено минато, силна иднина“, што го организира Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Турција.
Со состанокот претседаваа шефот на Дирекцијата за комуникација на Претседателството на Турција, Фахретин Алтун, и потпретседателот на Азербејџан, Хикмет Хаџијев, а учествуваа претставниците на институциите на двете земји од областа на медиумите и комуникациите.
На состанокот се разгледани прашањата како што се зголемувањето на соработката и координацијата во подрачјето на традиционалните медиуми, дигитални медиуми, стратешко комуницирање и јавни дипломатии, како и заедничката борба против дезинформациите, со цел развивање пријателски односи помеѓу двете земји во подрачјето на комуникацијата, а во рамките на принципот „две држави, еден народ и заеднички медиум“.
На состанокот се разгледани и прашањата поврзани со институционалното структурирање на Заедничката медиумска платформа на Турција и Азербејџан, за што е донесена одлука за основање на одбори за „јавна дипломатија“, „меѓународни медиуми“, „стратешка комуникација“, „образование“, „законодавство и регулатива“, „дигитализација и интернационализација“.

- „Нашите односи се институционализираат и во областа на медиумите и комуникацијата“
Алтун во текот на обраќањето наведе дека Заедничката медиумска платформа е официјализирана како „Меморандум за разбирање помеѓу Турција и Азербејџан за стратешка соработка во областа на медиумите“, потпишан на 10 декември 2020 година, под покровителство на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и на претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев.
Тој подвлече дека Заедничката медиумска платформа е многу вреден чекор во институционализацијата на односите помеѓу двете земји, што во последните години се унапредени во областа на медиумите и комуникацијата.
Наведувајќи дека во текот на ослободувањето на Карабах, како резултат на блиската соработка, постигнати се важни резултати не само во воена и политичка смисла, туку и во полето на комуникацијата и медиумите, Алтун рече:
„Придаваме голема важност на зајакнувањето на турско-азербејџанската соработка во борбата против лажните вести и дезинформациите во областа на медиумите, комуникацијата и јавната дипломатија. Се согласуваме во размената на искуства во овие области, проценката на можностите, развојот на институционалните капацитети и спроведувањето заеднички студии.“
Алтун кажа дека Заедничката медиумска платформа е голем чекор во смисла на интегрирано делување на турските и азербејџанските медиуми, кои ефикасно работат на правилно информирање на јавното мислење на двете земји и произведуваат заедничка стратегија за борба против системските дезинформации и пропагандни активности што се спроведуваат од надворешниот свет, посебно на платформите на дигиталните медиуми.
Тој нагласи дека шесте одбори формирани во рамките на платформата ќе имаат критични функции во поглед на ефективноста и континуитетот на заедничкото работење и проектите што овие две земји ќе ги поминуваат во областа на медиумите и комуникацијата.
Објаснувајќи дека ќе се реализираат заеднички проекти не само во областа на вестите и известувањето, туку и во областа на популарната култура, посебно во секторот на кинематографија и ТВ-серија, Алтун порача:
„Во време кога сме соочени со интензивни дезинформации и пропагандни активности против нашите земји, за нас е важно повеќе од кога било да соработуваме и да работиме во координација. Со овие заеднички чекори ќе направиме работи со кои на следните генерации ќе им ја покажеме моќта на двете држави. Истовремено на светската јавност ќе ѝ го објасниме единството на нашите држави и моќта на нашите држави низ краткотрајни, средни и долготрајни стратешки комуникациски кампањи. Заедничката медиумска платформа и шесте одбори за кои се договоривме ќе ги зајакнат нашите добро вкоренети односи и ќе придонесат за ефикасно пренесување на нашата праведна борба кон широките маси.“
- Заедничката медиумска платформа дополнително ќе ја зајакне својата ефикасност
Од друга страна, потпретседателот на Азербејџан, Хикмет Хаџијев, потсети дека соработката помеѓу Турција и Азербејџан, што исто така била покажана на полето на комуникацијата во текот на праведната борба што ја донела победата во Карабах, својот официјален и институционален идентитет го стекнала преку Заедничката медиумска платформа.
Наведувајќи дека успешните резултати постигнати во кратко време благодарение на единството и солидарноста се искажани во подрачјето на медиумите и комуникациите, Хаџијев додаде:
„Благодарение на нашите лидери, односите помеѓу Азербејџан и Турција денес се подигнаа на такво ниво да станува наш долг да го задржиме тоа ниво, да напредуваме и да обезбедиме следните генерации да го носат истото чувство стотици години подоцна. Со волјата и одлучноста на нашите лидери, нашата Заедничка медиумска платформа, која стана еден од важните елементи на братството и стратешките сојузи на двете земји, дополнително ќе ја зголеми ефективноста со довршувањето на своите институционални структурирања.“
Хаџиев додаде дека сакаат да имаат корист од искуството на Турција во спротивставувањето на тековните информативни напади врз Азербејџан на социјалните мрежи и во меѓународните медиуми.