Cankut Taşdan
12 Февруари 2021•Ажурирај: 13 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Во рамките на новите акции за приведување на лицата поврзани со терористичката организација ФЕТО, турските безбедносни сили го приведоа началникот на полицијата во Анкара, кој беше во бегство, Абдула Е., јавува Агенција Анадолија (АА).
Абдула Е. и поранешната академска работничка Ѓозде О. се пронајдени во два стана каде што се криеле терористите на ФЕТО. Тимовите на Одделот за организиран криминал и разузнавачка работа на полицијата на Анкара утврдија дека поранешниот шеф на полицијата, Абдула Е., кој е отпуштен од тоа место поради сознание дека е еден од клучните членови на терористичката структура ФЕТО/ПДЈ, се криел во станот на организацијата во округот Етимесгут во Анкара.
Утврдено е дека бараниот, кој ФЕТО го кодира како лице на највисоко ниво на лојалност и кој ја користел шифрираната комуникациска апликација „БајЛок“, развил нова програма за размена на пораки и на тој начин ги контактирал другите лица во терористичката организација.
Полицијата дојде до сознание дека осомничениот, кој никогаш никого не доведувал во станот, вклучувајќи го и семејството, за да не се открие, доаѓал и заминувал од објектот во различно време, се пресоблекувал за да не биде препознаен. Излегувал само за основни набавки.
Во друга операција е приведена поранешната академска работничка Ѓозде О., корисничка на „БаЈлок“.
Констатирано е дека објектот на терористичката организација во округот Чанкаја, во кој осомничената е пронајдена, бил многу добро чуван, а околината е надгледувана со надзорни камери.
За време на операцијата се одземени голем број документи на терористичката организација и дигитален материјал. Се продолжува полициската постапка против осомничените кои се лишени од слобода.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.