Yusuf Soykan Bal
26 Април 2021•Ажурирај: 27 Април 2021
ИЗМИР (АА) - Во операција против припадниците на терористичката организација ФЕТО во структурите на Турските вооружени сили (ТСК), во 62 области во Турција, вклучувајќи ги Истанбул и Измир, и во Турската Република Северен Кипар, издаден е налог за приведување на 532 осомничени лица, од кои 459 се во активна воена служба, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на заедничката истрага што ја спроведуваат обвинителствата во Измир и Истанбул е започната операција против лицата за кои е утврдено дека се вклучени во комуникациската мрежа специфична за оваа терористичка организација, а за некои постојат докази дека се припадници на ФЕТО.
Обвинителството во Истанбул издаде налог за приведување на 258 осомничени лица, вклучувајќи 216 активни војници и 42 студенти на воено училиште, кои се отпуштени по обидот за воен удар.
Меѓу осомничените се и припадници на Општата команда на Жандармеријата, Командата на Копнените сили, Командата на Воздушните сили, Командата на Морнарицата, Командата на Крајбрежната стража и Министерството за одбрана на Турција.
Обвинителството во Измир издаде налог за приведување на вкупно 274 осомничени лица, вклучувајќи 243 активни војници и 31 ученик во военото училиште кои се обвинети по обидот за воен удар.
Меѓу осомничените се наоѓаат и припадници на Генералната команда на Жандармеријата, Командата на Копнените сили, Командата на Воздушните сили и Командата на Морнарицата.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.