Nilay Kar
07 Април 2019•Ажурирај: 08 Април 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Највисоките претставници на Турција денес ги критикуваа изјавите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за анектирање на еврејските населени места во окупираниот Западен Брег, доколку биде повторно избран на претстојните избори, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Уште еден пример за тоа како Нетанјаху ја користи изборната политика за оправдување на окупацијата и поткопување на дводржавното решение“, напиша портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, на социјалната мрежа Твитер.
„Ако тој биде реизбран, дали тоа ќе биде триумф на „демократијата“ или окупација?“, праша Калин.
„Дали западните демократии ќе реагираат или ќе продолжат да смируваат?“, истакна тој, додавајќи: „Срам да им е на сите нив!“
Нетанјаху вети дека ќе го анектира окупираниот Западен Брег ако победи на општите избори закажани за 9 април.
Тој во интервју за израелската телевизија изјави: „Ќе се осигураме дека ние сме одговорни на теренот. Ќе наметнеме суверенитет над населените места во Јудеја и Самарија [Западен Брег].“
Околу 650.000 еврејски доселеници моментално живеат во над 100 населби на Западен Брег и Источен Ерусалим (Кудс), окупирани од Израел.
Меѓународното право гледа на Западен Брег и Источен Ерусалим како на окупирани територии и ги смета сите активности на изградба на еврејските населби таму за нелегални.